Во градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче, се врши вонреден надзор откако во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) родител на дете кое ја посетува градинката испратил писмо во кое се тврди дека негователките несоодветно и дрско се однесуваат со децата.
Вонредниот надзор го врши Одделението за инспекциски надзор на дејноста заштита на децата при МТСП.
Министерството итно реагираше со цел да го расветли случајот во најкраток можен рок.
Доколку се потврди веродостојноста на случката, сите одговорни ќе бидат веднаш санкционирани.
„Министерството нема да толерира какво било несоодветно однесување со децата во градинките. Во најбрз рок ќе ја известиме јавноста за наодите и следните чекор во однос на овој случај“, соопштија од МТСП.
Општина Аеродром денеска соопшти дека од градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче потврдуваат дека се преземаат сите мерки за расчистување на случајот, за кој излегоа информации во јавноста дека две негувателки несоодветно се однесувале кон децата.
„Земени се изјави од родителите и од вработените, по што е направен и записник од страна на психологот во градинката, според Протоколот за постапување во случај на инцидент“, се наведува во соопштението од општина Аеродром.
Министерството за труд и социјална политика претходно најави вонредна инспекција од Секторот за инспекцски надзор за детска заштита при МТСП.
Општина Аеродром, се вели во соопштението, најстро осудува секаков вид насилно и несоодветно однесување кон децата и е посветена на целосно расчистување на овој случај.