Градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин денеска на прес-конференција го повтори неговиот, како што рече, личен став, дека зграда пред Мајчин дом не треба да има, но во моментов, како што рече, нема решение со кое може да се спречи изградбата.
– Претходното раководство на Општина Аеродром го донесе ДУП И10 ненајавено и без дебата. Ваквото постапување предизвика бурни реакции во јавноста, а јас лично ги поддржав жителите на Аеродром во борбата против пренамена на земјиштето пред Мајчин дом од зона Д1 во зона А2 (станбено домување) – рече Марин. Додаде дека откако стапил на функцијата градоначалник направиле интерна ревизија за ДУП И10.
Тој информира дека во последната година доставени се 13 постапки до Уставниот суд против ДУП И10. Општина Аеродром, како што рече, ги достави сите потребни документи до судот, кој до денес нема донесено никаква одлука.
– Уставниот суд ниту го стави на мирување, ниту го поништи ДУП И10 – рече Марин. Додаде дека ги поддржува граѓаните да излезат и јасно да го кажат својот став во однос на изградбата на зградата пред Мајчин дом.
Најави формирање совет за урбанизам во рамки на Советот на општина Аеродром во кој ќе има претставници од граѓанските организации и експерти од областа на урбанизмот. Овој Совет, како што рече, ќе има клучна улога во урбанистичкото планирање на општината и ќе претставува алатка преку која заеднички ќе ги штитиме интересите на жителите на Аеродром.
На новинарско прашање за протестот најавен за попладнево пред зелената парцела кај Мајчин дом, повика претставници од граѓаните по протестот да дојдат и да поразговараат со него во општината.
Прашан за воведување мораториум, Марин рече дека како општина не донеле таква одлука. Смета дека воведувањето мораториум, како во случајот на општина Центар, не постори во законот.