Кирацовски: Време е сите пратеници кои се за НАТО и ЕУ да преземат одговорност

416

Ајде сите заедно, да ја следиме мнозинската волја на граѓаните, да ја преземеме нашата историска должност и да обезбедиме иднина на Македонија и нејзините граѓани како членка на ЕУ и НАТО, повика денеска на прес конференција Александар Кирацовски, пратеник и генерален секретар на СДСМ.

Тој апелираше до сите пратеници да ги прочитаат предложените измени.

– Време е сите пратеници кои се за НАТО и ЕУ заеднички да преземат одговорност во име на граѓаните кои ги избрале, да ги поддржат процесите во Собранието и уставните измени да бидат усвоени. Ги повикувам пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да не подлегнуваат на притисоци и закани и да гласаат по сопствено убедување, следејќи ја мнозинската волја на граѓаните. Огромното мнозинството граѓани од над 80% се одлучи дека иднината на Македонија е во ЕУ и НАТО – рече Кирацовски.

Тој истакна дека доставувањето на предлогот од Владата до Собранието за пристапување кон измени на Уставот на Република Македонија е еден од последните чекори од Преспанскиот договор.

– Предлог уставните измени се јавно објавени и се достапни до целата јавност. Секој граѓанин, секој пратеник може да ги погледне и да се увери во вистината. Со предлог измените се потврдува сето она што го говоревме изминатиот период. Идентитетот, јазикот и македонската посебност се загарантирани и трајно заштитени. Паѓаат во вода сите лажни вести и измислени конструкции за наводно загрозување на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската историја. Се гледа јасно дека со уставните измени не се губи ништо. Напротив, се обезбедува иднина во ЕУ и НАТО со зајакнат македонскиот идентитет кој конечно станува признаен од целиот свет. Со измените, децидно се повикуваме на конкретни документи и конститутивните одлуки на АСНОМ, преку што се потврдува и зацврстува историскиот континуитет на македонската државност. Се обезбедува поцврста гаранција на границите и територијалниот интегритет. Се обезбедува грижа за Македонците и иселениците од Македонија во странство, согласно меѓународните стандарди, без мешање во внатрешните работи на било која друга држава – објасни Кирацовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...