Старите автомобили ќе загадуваат и годинава

Измените на Законот за возила со кои се најавуваше воведување еколошки налепници кои ќе упатуваат на еколошката категорија на возилата се подготвени но сѐ уште не ја минале владината процедура.

437
20051230 Friday 0421 Soobrakaj Pesacki premin Pesaci zebra semafor rekord

Возилата кои емитуваат висок процент на гасови кои го загадуваат воздухот и годинава непречено ќе возат во периодот на висока загаденост на градовите.

Измените на Законот за возила со кои се најавуваше воведување еколошки налепници кои ќе упатуваат на еколошката категорија на возилата се подготвени, но сѐ уште не ја минале владината процедура. Дополнително не е подигнат ниту прагот за увоз на стари возила кои во изминатиот период интензивно се увезуваа во земјава, а имаат и високи емисии на издувни гасови кои го загадуваат воздухот.

Од Министерството за економија кое е задолжено да ги подготви измените велат дека Предлог измените на Законот за возила се подготвени и доставени до Владата.

– За текстот на измените треба да се произнесе Владата и потоа да почне процедурата за нивно донесување – велат од Министерството за економија.

Според најавените измени на законот, предвидено е да се воведат еколошки налепници кои ќе покажуваат во која еколошка категорија спаѓа секое возило. Еколошка категорија на возилата ќе се утврдува според нивото на емисија на издувни гасови од моторите согласно соодветните технички спецификации, односно ЕЦЕ или ЕЦ прописите.

Воведувањето еколошки налепници, како и промената на одлуката за увоз на употребувани возила требаше да помогне во борбата со загадувањето на воздухот во зимските месеци, посебно во поголемите градови каде што според анализите сообраќајот е втор загадувач по греењето со дрва.

Но и одлуката за забрана на увоз на возила со пониска категорија од еуро 4 која е активна од средината на 2016 година сѐ уште не е изменета.

– Сѐ уште на сила е одлуката според која е дозволен увоз на возила со стандард еуро 4 – велат од Министерството за екомонија.

Екоактивистите, но и увозниците на нови возила уште пред 2016 година кога е воведена забрана за узвоз на возила со стандард понизок од еуро 4, бараа подигање на стандардот, оти овие возила во ЕУ се сметаат за високи загадувачи на воздухот.

Еколошката категоризација на возилата, како што беше најавено, би можела да се искористи за исклучување на возилата поголеми загадувачи во периодот на висока загаденост на воздухот, а одлуката за подигање на прагот на увоз на стари употребувани возила со еуро 5 стандард би значела што помал број на возила кои загадуваат во земјава.

Да потсетиме од воведувањето на либерализацијата на увозот на употребувани возила во 2010 година до крајот на 2016 година во земјава се увезени повеќе од 230.000 автомобили, камиони и автобуси и минибуси со стандард понизок од еуро 4.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...