Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сардисани и од власта и од своите

5957

Не сакам ни да помислам, а камоли тоа да е вистина дека некој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се согласиле да гласаат спротивно на јасно изразената волја на македонските граѓани на референдумот од 30 септември, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ по неофицијалните информации на ТВ Алсат дека власта успеала да го скрои двотретинското мнозинство за уставни измени со помош на дури 11 пратеници.

Според портпаролот на опозициската партија, шпекулации се наводите дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ прифатиле да гласаат за промените на Уставот предвидени со преспанскиот договор.

– Упативме пораки до пратениците да ја почитуваат волјата на народот, веднаш по завршување на референдумот. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ, кој не е променет во однос на Договорот со Грција, исто така, неколку пати досега е јасно искажан и од страна на претседателот Христијан Мицкоски и на нашите прес конференции, а пратениците јасно порачаа дека ќе ја почитуваат волјата на граѓаните – вели Арсовски.

Наши извори тврдат дека битката на власта за двотретинско мнозинство деновиве добива засилување и од истакнати поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои се обидуваат преку посети во домовите на осомничени пратеници во судскиот процес за крвавиот четврток кој е во тек, преку уцени во кои се сервираат и непристојни предлози за намалување или бришење на казните, да издејствуваат осомничените да кренат два прста за промена на уставното име на Република Македонија. Според овие тврдења, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се во менгеме и на власта и на опозицијата.

Арсовски и за овие инфорамации дека наводно опозициските пратеници се под силна закана од партиското членство вели дека се невистинити, а непринципиелните и валкани методи и купувањето пратеници ѝ ги припишува на власта.

– Шпекулации се наводите дека пратениците добивале закани или пак дека биле под притисок од партијата. Власта е таа која се заканува и уценува – тврди Арсовски.

Неколку дена откако анонимни извори од опозициската партија излегоа со тврдење во медиумите дека пратениците што сакаат да ја напуштат партиската линија и да го поддржат Договорот со Грција во Собранието се соочуваат со закани, се огласи и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Тој во интервју за австриски „Стандард“ вели дека е запознаен со закани од страна на опозицијата и побара од ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од, како што вели, деструктивниот пристап, а интересите на земјата и граѓаните да ги стави пред партиските.

Хан во интервјуто ѝ порачува на ВМРО-ДПМНЕ дека целосно ќе ја сноси одговорноста за затворањето на вратите на ЕУ за Македонија, ако не помине Договорот и дека тоа е целосно неприфатливо за партија која вели дека е проевропска и демократска.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...