Чекаме тато да ја смени сијалицата

1742

Чекаме. Цело време чекаме. Што? Тато да ја смени сијалицата…

Тоа ви е кога целото семејство, роднините и комшиите, сите, со подзинати усти гледаат нагоре, во главата на семејството (мажот), додека тој ја менува сијалицата в кујна. Сите напикани во малата задушлива просторија, а оние што немаат почесно место во „ложата“ околу кујнската маса, чекаат во ходникот и пред прагот на куќата. Чекаат. Да светне сијалицата.

Фасонката е нешто искривена и поткршена, висат голи жици насекаде, таванот е искривен од влага, па менувањето оди прилично бавно. Децата имаат домашни задачи, сопругата треба да оди втора смена на работа, бабата и дедото треба да се напијат лекови, на комшиите им загоре млекото, некој роднина е тешко болен и му треба нега, но сите стојат и чекаат – мажот да ја смени сијалицата в кујна.

Чекај, инсталацијата не чини

Сијалицата никако не светнува. Кај луѓево се создава нервоза, сите сакаат да ја видат сијалицата да светне, па да продолжат со своите животи. Ама, инсталацијата не чини, масата се клати, мажов е веќе нервозен, брза да ја поправи сијалицата, му пречи џагорот на безработните чекачи.

– Алоо! Ајде да поработиме нешто, има работи што нѐ чекаат! Дајте простор да излезам! – извикува еден нетрпелив комшија.

– Чекај малку! Гледаш, менуваме сијалица сега! – гракнуваат во хор неколкумина зад него и не му даваат простор да дише, камоли да си оди.

Минува времето, денот одамна го заменила ноќта, а сијалицава никако да се смени. Толпа народ се собрала, заглавена во чекање. Едни сакаат да продолжат со своите сега веќе задоцнети работи, децата заспале стоејќи, но оние што се на излезите и стратешките точки низ куќата, се потпреле по ѕидовите и ги блокираат сите. Мажов зграпчил уште алатки, па ја менува сега и фасонката, ги изолира голите жици една по една, ама тие отсекаде извираат.

– Ама што правите вие?! – велат нервозно оние што сакаат да продолжат со своите обврски.

– Зарем не гледаш дека менуваме сијалица, човеку! Почекај! – му одговараат „стратешкиве“ со многу сериозен израз на лицето на нетрпеливиот роднина или комшија.

– Добро, сијалицата се менува в кујна, дај барем да одам до веце, таму има сијалица! – велат поснаодливите, надевајќи се дека ќе излезат барем од пенџерчето на вецето, ќе се спасат од чекањево. Попусто. Мора да се смени сијалицата, па животот да продолжи.

Чекај, роднината пие ракија во мракот

Една бремена комшика ја фатиле породилни маки, но никој не мрда, освен среќниот татко, роднина на овој што ја менува сијалицата, во мракот нашол некое шише ракија, па слави, моли бога да не се поправи инсталацијата, опколен од сите страни со оние што чекаат да светне сијалицата. И пие ли пие, додека сите чекаат Тато да ја смени сијалицата…

Но, работава не ја бива, куќата е предвреме остарена од нередовно одржување, а можеби и самата сијалица е со фелер. Тоа само мажот искачен на расклатената маса го знае, но освен чекачи, околу нема никој што може да му помогне. Пијаниов роднина сега нашол и мезе, па мези ли мези во мракот…

Никако да ни светне сијалицата. А имаме и батериски ламби и сијалици во другите соби, свеќи и фенери, можеме да работиме нешто. Но, сијалицата во кујната да ти била најважна… Сѐ друго мора да чека.

Чекај, Мицкоски пак држи глуп говор!

Така, се чекаше ВМРО-ДПМНЕ да ја прифати реалноста по неуспехот да формира влада по предвремените парламентарни избори во декември 2016 година. Притоа, се чекаше Ѓорге Фикус Иванов да ги искористи сите опции, да го прегази Уставот по сите дијагонали, па да се изгласа претседател на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ и Иванов не ја прифатија реалноста, туку со деструкција и со пролевање крв ја бранеа својата илузија и болни апетити за моќ. Потоа, дојде до преговори со Грција. Па се склучи Спогодбата. Па се организира референдум… Сето тоа придружено со празни одови, грешки и… Чекање! Само една работа може да се случува во нашиов дом Македонија, ништо друго не смее да се работи.

Дајте да сработиме нешто, да се сврти парата, да живне економијата… Не! Чекај! Го решаваме Спорот! Добро, го решивме, дајте сега да живне стопанството, да се среди здравството, да им дадеме на децата подобро школство… Не! Чекај! Да помине референдумот! Дајте луѓе, животот ни помина! Чекај, Мицкоски пак држи глуп говор!

Не диши! ВМРО длабоко анализира! Не мрдај! Иде референдумот! Стрпи се! Гледаш дека Владата се чека да донесе одлука за предвремени избори! Ама иде грејна сезона, немаме пари, немаме работа, ни заминуваат младите… Ништо од тоа не е важно! Се спремаме за предвремени избори. Па после уште едни и уште едни… Мора сите да застанат, да го остават Заев да работи. Мора сите да престанат со животот, додека вемерото грчевито се бори за спас, а Ахмети задоволно ги трие рацете, мислејќи дека веќе се спасил… А сите останати – чекаат…

Се чека. Се чека во бизнисот, во здравството, во образованието, во реформите… Се чека на шалтерите, во болничките ходници, во банките, во фабриките, во дуќаните, во фирмите… Насекаде ти велат, чекај, да заврши ова, чекај, да заврши она, чекај, да се изјасни ВМРО, чекај, да видиме што ќе рече Талат, чекај, да се врати Заев од Брисел, чекај, чекај, чекај… Чекај!

Незрело општество!

ПС. Фала Вања, за муабетов… Одамна го чекав…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...