Алексис Ципрас направи национална отстапка со македонскиот јазик и македонската националност, каква што ниедна претходна влада не беше подготвена да направи, смета лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
При неговата посета на градовите од Епир, Арта и Превеза, претседателот на најголемата грчка опозициска партија одржа прес конференција и го обвини грчкиот премиер дека не ги чул ставовите на грчкиот народ.
– Доколку разговараше со грчкиот народ ќе ги имаше слушнато неговата чувствителност, неговата загриженост, и немаше да продолжи кон потпишување на Договорот од Преспа. Ќе имаше сфатено дека отстапувањето македонски јазик и македонска националност на соседната земја претставува многу важна национална отстапка. Национална отстапка каква што не беше подготвена да направи ниту една претходна влада. А ја направи господинот Ципрас – рече лидерот на грчката опозициска партија, одговарајќи на новинарско прашање.
Мицотакис повтори дека Нова демократија, нема да го ратификува Договорот од Преспа ниту во сегашниот, ниту доколку остане за следниот парламент.
– Ако овој договор уставно не се ратификува од соседната земја, ако соседната земја не го смени Уставот, тогаш сметам дека во суштина почнуваме од нула. Сметам дека нема да постои договор, што значи дека ќе ги почнеме преговорите од почеток. Доколку договорот, пак, се ратификува од соседната земја, нашата позиција не се менува. Сметаме дека е лош договор и Нова демократија нема да го ратификува ниту сега, ниту кога прашањето ќе дојде кај нас, во следниот парламент – рече Мицотакис.
Лидерот на Нова демократија, го повтори и неговиот став дека Договорот од Преспа веќе произведува низа завршени работи кои „како што одат напред чекорите за имплементирање на договорот, толку станува потешко да се променат, особено во однос на процесот за членство во НАТО“.
Мицотакис додаде дека тие ги искористиле сите средства што им биле на располагање за да се спречи потпишувањето на договорот и ја спомена и доставената иницијатива за гласање недоверба на владата за сите да си преземат одговорност.