Има надеж, во ограничени количества

3839

Слушам некни еден познаник во интервју на еден од македонскиве медиуми, паметен човек, посветен верник, заколнат конзервативец и решителен противник на референдумот, како, отприлика, вака резонира: прво елоквентно, цивилизирано и разложно објаснува дека притисоците, заплашувањата и заканувачките укажувања што пред референдумот беа „испорачани“ во Македонија од бројни високи гости од Западот претставуваат непринципиелно мешање во македонските внатрешни работи, кои македонскиот народ на крајот мудро и одлучно ги отфрлил со неизлегување да гласа на референдумот; а на прашањето на водителот дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието имаат право на свое мислење за тоа дали ќе ги поддржат уставните промени, соговорников, по скратена логичка постапка, како од пушка одговори: „Какво свое мислење, па ова е многу сериозна работа, тие се под смртна закана да не го изневерат македонскиот народ!“

Ете, толку од цивилизираноста и принципиелноста, а и од верското милосрдие. Кога притисокот и заканите, макар и во форма на најпријателски, загрижени совети, доаѓаат од надвор, тие се непринципиелни, лицемерни, империјалистички израз на одвратните двојни стандарди во реалполитиката на Западот. Кога, пак, смртните националистички закани доаѓаат од дома, кога во нив се спомнуваат дури и децата на пратениците, тогаш се знак на голем патриотизам, принципиелност, оправдано барање на доследност и повик за одговорност пред народот!

„Пониското“, оперативно ниво на тоа насилие е тековната чистка на сите оние околу раководството на најголемата опозициска партија кои не се плашеа да изразат различен став од официјалниот, партиски, дури и во ситуација кога, формално и наводно, партијата остави на совеста на сите членови самите да одлучат како ќе гласаат на референдумот. Сега партијата не се ни стеснува да покаже дека е отворена сезоната на лов, на линч на тие слободномислечки партиски членови, без разлика на нивните (бивши) позиции и стаж во партиската догма и во номенклатурата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Груевизмот во нас“ се заменува со „Ќосевизмот во нас“, како уште едно канибалистичко политичко скалило подолу во стогодишната џихадистичка идеологија на таа самодеструктивна и пошироко деструктивна организација.

Во таква атмосфера, СДСМ и ДУИ бараат грст пратеници на опозицијата во Собранието кои би се одважиле да ја спасат татковината – а и ВМРО-ДПМНЕ, патем – од неминовната меѓународна изолација и постепено пропаѓање. (Тричко тоа веројатно би го опишал како кога свежо заклана свиња се обесува на ченгел, да отстои и да се исцеди од крвта… Брррр!)

Јас мислам дека за тоа е потребно чудо! Кое, можеби, може да го изведе само еден човек… Не тој што го осудија за во Идризово, другиот. Е, па, редно е нешто и тој чесно, со труд да заработи во животот!

За тоа, толку. Не е ни потребна прогноза „од доверливи извори“, резултатите секако ќе се знаат во наредната недела дена.

Од друга страна, на слична џандарска тема, да се скине човек од смеење од онаа епохална денунцијантска преписка помеѓу руските бабушки Стефан Влахов-Мицов и Јанко Бачев! Двајцата се – според меѓусебните, убедливи и детални обвинувања – полициски жбирови и обикновени провокатори, веројатно управувани од една иста канцеларија, од исти луѓе од претпладневна и од попладневна смена. Ви гарантирам дека и објавените писма со меѓусебните плукања се напишани во истата таа канцеларија! Бидејќи, невозможно е да се најдат такво лонче и капаче, како овие двајца политички кловнови, во природни животни услови. Мора да е некој штапски експеримент со бубашваби и новичок, можеби излезен од контрола?

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...