Мицкоски му пиша на Заев: Јас сум со народот, а ти со кого?

1506

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со отворено писмо на Фејсбук до премиерот Зоран Заев.

„СДСМ одби, премиерот молчи. Паднаа маските и се покажа вистинското лице на власта. За жал, СДСМ имаше прилика да докаже дека борбата против криминалот има некакво значење за оваа власт. Наместо тоа Заев покажа три работи. Прво, преку неприфаќањето на предлогот и неговото молчење за формирање на независно обвинителство кое ќе се бори против криминалот одбра да се стави во улога на заштитник и промотор на криминалот, неправдата и безаконието во оваа држава. Дополнително со тоа покажа дека борбата против криминалот е само фарса за оваа власт и дека токму таа кумува со сите криминални процеси во државата.

Второ, со самото тоа што не се откажува од штетниот договор Заев не ја почитува волјата на граѓаните и пораката кажана на референдум дека договорот се отфрли. Договорот преку кој Заев сака да ја прекрсти на сила државата и народот, е последната сламка за спас на неговата кариера и неуспешен обид да избега од одговорност за сите афери и скандали. Нема друга држава во светот каде премиерот отворено си кажува дека нема да ја почитува волјата на мнозинството граѓани и јавно кажува дека поисплатливи му се јаловите обиди за условување и уцена на пратеници. Тоа нема да помине.

И трето, со отфрлањето на предлогот кој го дадов, Заев и власта покажаа дека се плашат од слободни, фер и демократски избори, затоа што знаат дека на тие избори народот ќе си дојде по своето и ќе бидат жестоко поразени, како што беа и на референдумот што помина.

Затоа би порачал уште еднаш да размислат власта и премиерот, затоа што не е сеедно кој на чија страна бил. Јас веќе одбрав, со народот, на страна на правдата и нашата Македонија“, пишува во Фејсбук статусот на Мицкоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...