Да бидеме реални, да го бараме невозможното – договор меѓу Заев и Мицкоски

Не треба да се брза со избори. Христијан Мицкоски сега тврдоглаво одбива секаква помисла за прифаќање на Договорот од Преспа, но мислам дека не се исцрпени сите можности на таа тема посериозно да се разговара и да се преговара.

6012

Добро е што по првичната остра закана со брзи избори, во ноќта по објавувањето на резултатите од референдумот, сега премиерот Зоран Заев ја спушта топката и вели: „На Македонија не ѝ се потребни избори, избори ќе има само доколку се неопходни“.

„На Македонија не ѝ се потребни избори. Македонија сега е на правилен пат. Ќе отвориме едно поглавје во јуни. Ќе имаме наше место на масата на разговори во Брисел и во НАТО со почеток на ратификацијата на протоколот во парламентите на 29 држави членки на НАТО. Од економски аспект, Македонија се наоѓа во одлична ситуација и нема потреба да одиме на избори, освен ако не е потребно. А секако, ако распишеме избори, очигледната цел ќе биде две третини, односно 80 пратеници“, објаснува премиерот.

Анализите со кои тој оперира, укажуваат дека во случај на избори, владата ќе добие мнозинство. Мислам дека ова очекување треба да се постави во малку пореалистичен контекст.

Пред сѐ, на избори не се натпреварува владата, туку партиите. Мене ми се чини невозможна, а не сум сигурен и колку би била умна, опцијата на избори да настапи една предизборна коалиција меѓу СДСМ, ДУИ и другите партии што се изјаснија дека го поддржуваат Договорот од Преспа. Никогаш во историјата на Македонија сме немале предизборна коалиција меѓу македонска и албанска политичка партија.

Од друга страна, иако и јас верувам дека партиите од сегашното парламентарно мнозинство на изборите ќе освојат повеќе гласови од партиите што сега се во опозиција, не сум убеден дека тоа мнозинство ќе биде двотретинско и дека со тоа работата околу Договорот од Преспа автоматски ќе биде завршена. И од тој аспект, изборите не мора да бидат спасоносно решение. Напротив, тие можат и да ја продлабочат политичката криза.

Конечно, тврдам дека е крајно неизвесно како ќе се постават ДУИ и другите албански партии после изборите. Гледам дека „албанското прашање“ повторно се вади од под тепихот и претчувствувам дека набрзо ќе добиеме една нова сериозна тема на политичката агенда. Којзнае како ќе изгледаат новите „фактури“ што ќе стасаат од Мала Речица…

Затоа, би го поддржал Заев во намерите да не избрзува и да ги исцрпи сите можности за постигнување компромис со ВМРО-ДПМНЕ. Знам дека Христијан Мицкоски сега тврдоглаво одбива секаква помисла за прифаќање на Договорот од Преспа, но мислам дека не се исцрпени сите можности на таа тема посериозно да се разговара и да се преговара.

„Она што треба да се случи – вели Заев – е да запрат политичките пресметки, за да го завршиме овој процес за нашата земја.“ Тоа е добра насока на размислување, при што клучните потези за намалување на конфликтноста мора да дојдат од страната што сега е посилна, а и политички позрела.

Иако евентуалниот компромис меѓу Заев и Мицкоски во моментов се чини невозможен, јас би бил реален и би го барал – невозможното.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...