Столтенберг: Нема план Б за членство на Македонија во НАТО

146

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска порача дека нема план Б за Македонија, оти земјата сега има можност која се случува еднаш во животот и дека може да стане членка на НАТО само ако го прифати договорот со Грција.

– Цврсто верувам дека она што земјата треба да го направи сега е да донесе одлуки за натамошните чекори. На Владата и на Собранието е да ги донесат тие одлуки. Да решат како ќе одат напред, како да реагираат на референдумот и на сите политички импликации и последици што тој ги донесе- изјави Столтенберг кој денеска е во посета на Србија.

Генералниот секретар на НАТО нагласи дека ако демократските институции во Скопје одлучат да го спроведат во целост договорот со Грција, тогаш НАТО е подготвен брзо да ја прифати Македонија како своја 30 членка.

– Можеме брзо да пристапиме кон потпишување на протоколот за членство, многу бргу по промената на името. Останува на демократски избраните институции во Македонија дали ќе го прифатат и ќе го применат договорот за името. Ние сме подготвени да ја прифатиме земјата како нов член- истакна Столтенберг.

Повтори дека не постои план Б или некаква друга алтернатива за членството на Македонија освен спроведувањето на договорот со Грција.

– Нема членство без договорот за името. Единствен начин за членство е земјата да се договори со Грција околу спорот за името. Затоа ние го поздравивме договорот меѓу двете земји- изјави Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО вели дека Алијансата нема да ја принудува Македонија да донесува одлуки, бидејќи станува збор за суверени одлуки на една суверена земја.

– Но, ова е прилика што се случува еднаш во животот. Имаат можност и треба да го искористат овој историски момент- порача Столтенберг.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...