Монахињи произведуваат печурки буковка во манастирот „Света Богородица Пречиста“ кај Кичево, кои ги користат во исхраната.
– Покрај производството на сирење и други производи во нашата економија, од неодамна решивме да пробаме да одгледаме печурки и успеавме во тоа. Задоволни сме, бидејќи печурките се омилени на манастирската трпеза, а поисплатливо е да ги произведеме, отколку да ги купуваме – ни рече една од шесте монахињи.
Овој манастир отсекогаш бил многу посетуван. Дури и за време на комунизмот и за време на војни. Доаѓале и муслимани. Според податоците, на тоа место постоел верски објект уште во 14 век. Вербата во Бога и молитвите, велат монахињите, им помогнале на многумина.
Сашко Тодоров од Здружението на граѓани „Ековита” беше дојден стручно да помогне со совети за производството на печурки да биде што е можно поквалитетно. Своевидниот час посветен на производството на буковка, го проследија и верници кои беа дојдени во манастирот.
– Мило ми е што во манастирот се стартуваше со одгледување на буковка. Во иднина, можно е и производство на други видови печурки. Воодушевува посветеноста, со која сестрите ѝ приоѓаат на оваа, за нив нова работа. Тие се доказ дека сѐ што се работи со посветеност, има успех – рече Тодоров за Плусинфо.