Владата попладнево во 16 часот ќе одржи вонредна седница на која се очекува да падне дефинитивна одлука за опцијата за излез од постреферендумската криза, неофицијално дознава Плусинфо.
Нема детали за дневниот ред на седницата, но според наши неофицијални информации Владата ќе побара од Собранието да свика седница на која ќе биде отворена иницијативата за уставни измени.
Предлогот за измени на Уставот е поттикнат од Договорот со Грција за решавање на спорот за името.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски ниту ја потврди, ниту ја демантира информацијата за вонрената седница на Владата, додавајќи дека ќe следува соопштение во случај да биде закажана.
Обновено
Владата пред малку потврди дека денеска ќе ја одржи 92-та вонредна седница со единствена точка на дневниот ред -Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Македонија.
Владиниот предлог ќе биде доставен до Собранието, каде што е потребно двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници да гласаат за измените.
ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од претходно искажаните ставови дека нема да поддржат промени на Уставот, а премиерот Заев и натаму најавува дека ќе продолжат консултациите со пратениците, и ако нема договор ќе се оди на предвремени избори.