Дали ЕУ е лицемерна кон Македонија?

670

По референдумот во Македонија САД и ЕУ го изразија своето задоволство поради големиот број гласови „за“, а што се толкува како значајна поддршка за Договорот од Преспа и евро-атлантскиот пат на земјата. Меѓу западните аналитичари мислењата се поделени. Дел од нив се обидоа да понудат и продлабочени размислувања, поврзани, меѓу другото, и со содржината и начинот на кој беше формулирано референдумското прашање.

Македонскиот референдум не содржеше никакви јасни алтернативи, смета познатиот шведски експерт за Балканот, Шјел Магнусон, кој во својата анализа во „Свенска дагбладет“ тврди дека најдобро би било на Македонците да им беше овозможено на референдумот да заземат став конкретно околу ЕУ-членството, без тоа да се поврзува со други нешта.

Магнусон веројатно би бил во право доколку реферндумот би се одржувал во една сосема друга, претпоставена идеална ситуација. Тоа би била ситуација во која македонските граѓани, ослободени од баластот на историски сложените односи со соседите и компликуваната геополитичка ситуација во регионот, како и по успешно завршените реформи на внатрешен план, би се изјасниле за членството во ЕУ, откако Македонија, значи, би се доближила до самиот праг на големиот заеднички европски дом.

Но во актуелниов миг, едно такво прашање што би било понудено за плебисцитрано изјаснување, како што предлага Магнусон, всушност би било бесмислено. Од каков интерес би било одржување на референдум со такво „скратено“ прашање околу ЕУ-членството, доколку се има предвид дека Македонија е оддалечена од приемот во европското семејство најмалку десетина години. И зошто некој би сакал да го проверува расположението околу ЕУ во Македонија, кога дури ни предпристапните преговори за членство не се започнати, а и кога истовремено се знае дека сите досегашни анкети покажуваат дека големо мнозинство од македонските граѓани се за влез во ЕУ.

Каква полза би можела да се очекува од едно така поставено прашање, без неговата содржина да биде доведена во корелација со реалностите што се однесуваат на деблокирање на заглавениот процес на македонските евроатлантски интеграции, преку усвојување на Договорот со Грција и конечно надминување на тридеценискот спор?

Држењето на меѓународната заедница шведскиот експерт го наоѓа за лицемерно од демократски аспект. Се затвораат очи пред фактот дека избирачите требало се определат околу јасна алтернатива, наместо да се соочат со трикратно усложнета формулација што прашањето во исто време го врзува за – името на државата, приклучувањето во ЕУ и членството во НАТО.

Но прашањето добива смисла доколку се погледне од аспект на тоа каква развојна перспектива всушност отвора ЕУ? Наддржавниот европски проект на соработка вложува напори да ги зајакне своите рабови, напоредно со замавот на национализмот, кој, како и обично, корне и раскинува. Тоа е најочигледно во Источна Европа, каде што во земјите што се ослободија од комунистичката хегемонија целата политика е означена пред сè со национализам, иако источноевропските земји на почетокот, со приемот во полноправно членство на ЕУ, како да го најдоа својот пат за „нормализирање на животот со враќање во Европа“, а што всушност беше начин да се изрази нивниот копнеж за демократија и пазарна економија, вградени во поголема форма на либерална заедница во рамки на ЕУ.

Но Унијата како хиерархиска структура делумно ја потиснува националната држава на периферија, го намалува нејзиното значење, а што меѓу источноевропејците се доживува како закана против националниот суверенитет, при што на Брисел се гледа како на нова Москва. Политиката на Брисел, која ги заштитува националните малцинства, ги омекнува границите, ги прифаќа миграните и бегалците и се залага за јакнење на централна регулатива, се доживува во спротивност со стремежот кон зацврстување на националниот пројект. Оттаму и конфликтот што владите на источноевропските ЕУ-членки го имаат со Брисел, покажувајќи дека сакаат да учествуваат во заедничкиот пројект, но најмногу како формални членки.

Што се однесува до Балканот, многу нешта се случија по крвавите војни по распаѓањето на поранешна Југославија, но националистичкиот отров и понатаму е присутен на овие простори, а многу нешта зборуваат дека сега се шири и кон другите делови на Европа. Десничарско популистичките и националистички партии ги засилуваат своите позиции во голем број членки во пресрет на ЕУ-изборите во мај идната година.

Во дел од анализите во западните медиуми се констатира дека македонскиот референдум во суштина може да се толкува и како фијаско за ЕУ, бидејќи привлечната сила на зачленувањето во Унијата очигледно не беше доволна за мнозинството Македонци да го надминат инстиктивниот отпор кон промената на името. Но едновремено, не се анализира и всушност се пренебрегнува поширокиот контекст што влијаеше на референдумскиот резултат и на гласачкото расположение, кое беше изложено на значајно влијание и манипулации од типот: имам став–но не гласам, не бојкотирам–но кој сум јас да ви кажувам како да гласате итн.

Шјел Магнусон е веројатно во право кога вели дека доколку ЕУ сака да направи нешто, тогаш би бил потребен ангажман во форма на Маршалов план за Балканот. Но во секој случај, неправедно би било да се тврди дека ЕУ во пресрет на македонскиот референдум не понуди визија во насока на изградба на просперитетно општество, како историска шанса за вклучување и препознавање на прогресивните демократско рзвојни, безбедносни и економски – заеднички европски интереси.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...