Зошто му требаше неделното конфузно обраќање на Мицкоски до јавноста?
Навистина излезе дека е единствено поттикнат, како во некаков налет на еуфорија ли, паника ли, од збогум-заминувам-во-затвор фб-статусот на Груевски во неделата рано наутро, иако целата стратегија на ВМРО-ДПМНЕ и на Фамилијата е токму да се прикаже, по секоја цена да се убеди јавноста дека тие два ентитета се посебни „правни“ лица, дека едните ја спасуваат Македонија, додека другите се само политички жртви на тој напор, дека немаат никаква актуелна политичка врска… освен таа неважна дребулија за амнестија.
Груевски во својот фб-статус напиша дека „ако сте уценувани поради мене, не прифаќајте никакви понуди“. Овие не само што го послушаа да не прифатат, туку отидоа и чекор понатаму: направија своја понуда! Елем, не издржа Мицкоски, излезе на неделна прес-конференција и побара три работи…
Под еден, од Заев бараат да се откаже од Договорот со Грција. Под два, откако Заев тоа ќе го направи (?!), можат да се договорат за одржување нови избори… До тука, глупаво е, ама има некаква врска со еуфоријата од „пропаднатиот“ референдум. Но, зошто, под три, им е предлогот, барањето, понудата за укинување на постоечкото и воспоставување на ново СЈО, како специјален услов за да се спроведат првите две барања!? Каква врска има СЈО со избори, референдум, Грција, име, презиме, патриотизам…?
Етееее, тоа е таа грмушка во која, цело време, е легнат зајакот. Се заборави и на Пржинска изборна влада, референдумот е неважен, небитно е дали Македонија ќе оди на Исток или на Запад, само ако Мицкоски се договори со Заев СЈО да го укинат.
Пусто СЈО и таа клета правна држава, ни ја упропастија евро-атлантската иднина!
Можеби ова е моментот кога ВМРО-ДПМНЕ треба да се одважи и да предложи свој референдум: „Дали сте за влез на Македонија во НАТО и во Европската Унија со постоечкото СЈО – или сте да се одложи влезот на Македонија во НАТО и во Европската Унија откако ќе се укине ова и додека не се избере партиски подобно СЈО?“… Па да излеземе на тој референдум, кој сака да бојкотира – да бојкотира, а другите да се преброиме.
Чепкаат таму каде што не би смееле, ако се паметни: од своето воспоставување до денес, СЈО е постојано државната институција со убедливо највисок рејтинг во јавноста. Каква смисла има да се бара нејзино укинување, особено во контекст на нови избори и уште поособено од „организацијата“ (што би рекол Мицкоски) чии членови се нејзиниот главен клиент во судските процеси? Како кога лисицата би се прашувала за тоа колкави да бидат дупките на оградата на кокошарникот?!
Всушност, затоа ВМРО-ДПМНЕ е во право. Нивната политичка цел не е бесмислена, метата е добро избрана. Тие, не без основа, претпоставуваат дека СЈО допрва ќе открива кривични дела врзани со криминалната корпорација која долг период се претставуваше за политичка партија. Што ми вели еден од бранителите на некои од обвинетите во случаите на СЈО, во моментот кога телефонските разговори се прифатиле како релевантен судски доказен материјал, завршила правната стратегија за докажување невиност на обвинетите и започнала стратегијата за купување време за застарување на делата, за одолговлекување на процесите или за предизвикување (барем) на политичка криза во земјата со што, повторно, би се вовел принципот на политичкото пазарење, а не на правното функционирање на државата.
Еве, сега пазарењето е конкретизирано од страна на Мицкоски: Ајде, Заев, да го укинеме СЈО, за сè друго ќе се договориме…
Се надевам дека и СЈО, на вообичаен начин, што поскоро ќе се изјасни за оваа понуда.
Извор: Цивил медиа