Ќерката на единствената преживеана македонска Еврејка ја собра фамилијата во Битола

718

Македонско-германската иницијатива за помирување, предводена од Ханс Јоаким Шолц свештеник на Протестантската црква во Баден, Германија, денеска во Битола одржа тематска средба за „Битола и холокаустот“ на која учествуваше деветчленото еврејско семејство Калдерон, чии корени се од Битола.

Животната приказна на Гита Шами, единствената Еврејка од Македонија која го преживеала Холокаустот во логорот Аушвиц-Биркенау, во Битола ја раскажа нејзината ќерка Сара Ле Гутман Калдерон, родум од Битола.

Три генерации од ова семејство, кое живее разделено на три континенти, односно во Јужна Америка, Северна Америка и Азија, се сретнаа во Битола. Деветчлената фамилија се собра во Битола за да се приклучи на комеморативните активности по повод 75 години од депортацијата на Евреите.

-Родена сум во Битола, но моите родители пребегаа во Грција во 1943 година. Татко ми се приклучи на партизаните, а мајка ми остана во Костур. Кога Германците стигнаа до Грција татко ми се обиде да ја спаси мајка ми, но не успеа. Потоа и двајцата еден за друг не знаеја ни дали се живи. Подоцна на случајна средба при разминување на возовите во Битола видоа дека се живи. И моето семејство беше жртва на погромот, a мојата мајка е единствена која меѓу многу жeни преживеа во логорот во Аушвиц, истакна Сара Ле Гутман Калдерон, која со нејзиното семејство дојде да ги види родните огништа.

Семејството Калдерон денеска се сретна со претставниците на Македонско – германската иницијатива за помирување, составена од 24 млади од Германија и 20 врсници од Македонија, предводени од Ханс Јоаким Шолц, свештеник на Протестантската црква во Баден, Германија.

– Процесот на помирување е многу важен. Односите меѓу Македонците и Германците се важни за да се сеќаваме што донесе холокаустот, за тоа никогаш да не се повтори, посочи Лас Ен од Германија, член на Македонско – германската иницијатива за помирување.

Организатор на комеморативните активности по повод депортацијата на македонските Евреи е oпштина Битола, во соработка со Здружението “Архам”, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...