Писма од Лондон: Жени со влијание

Последните години на социјалните мрежи има офанзива од разни болни и исфрустрирани умови кои не бираат зборови и начини, затскриени зад разни аватари да шират страв и омраза. Но ниту една од стоте жени на списокот на највлијателните во оваа земја не се откажува од активностите, од политиката, од новинарството, од обидите  да се променат работите на подобро. Жени со влијание? Жени со храброст.

551

Да, да, и Спајс грлс се најдоа на листата. Сите пет. И авторката на книгите со Хари Потер, Џеј Кеј Ролинг. И пејачката Ани Ленокс од Јуритмикс. И лидерката на суфражетките, Емелин Панхурст, програмерската пионерка Ада Лавлејс и уште редица други предложени од илјадници анкетирани. Одбележувајќи ја стогодишнината од денот кога жените во Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска добија право на глас, беа организирани манифестации, специјални програми, актовности и, меѓу  другото- анкети, како оваа на Скај Њуз. И се создаде листата на сто највлијателни жени во земјата. А на самиот врв, петте највлијателни. На петтото и четвртото место, две покојни, поранешната премиерка Маргарет Тачер и Дијана, принцезата од Велс, на третото кралицата Елизабета Втота, на второто Мари Блек, пратеничка од Пејсли и Ренфешир Јужен и на првото место, шкотската премиерка Никола Стрџен.

И интересно, сите на листата, со исклучок, се разбира на оние кои не се веќе со нас и со исклучок на кралицата, која според традицијата не се меша во политиката, се мешале, се мешаат и како тргнало, немаат намера да се „одмешаат“ од политиката.На овој или оној начин. Односно се активни во  политичкиот, социјалниот живот, активистки на разни организации и ги користат своето име,презиме, слава, кариера, углед, изглед,влијание, пријателства,врски, да влијаат. Да натераат на размислување,на замислување, на помислување, луѓето да излезат, да променат нешто во нивниот живот и во животот на другите,  да не седат дома,да бидат активни, да гласаат, да помагаат, да кажат што мислат.

А за тоа, за таквата активност, речиси сите плаќаат цена. Сите ги има по весниците и тоа е најлесната работа за справување,  но нема некоја која не била изложена на напади на социјалните мрежи. И многу често кампањски, жестоко, лошо, злобно, сурово, болно до умоболно.  Мари Блек, на пример, најмладата пратеничка во британскиот парламент, втора по популарност жена во земјата, е изложена на таков жесток и суров и непримерен напад на твитер само затоа што е геј, па влезе во парламентарната легенда кога одржа искрен говор пред пратениците кажувајќи што се има претрпено и притоа цитирајќи некои од пораките кои ги добиваше. Тогаш, за прв пат во традиционалниот британски парламент гласно се слушна зборот „п..ка“, со грди придавки, пратениците останаа здрвени во седиштата, јавноста се крена на нозе, а социјалните медиуми почнаа со интензивирање на соработката со полицијата да се откријат и казнат социопатите кои од топлината на својот дом шират злоба и омраза.

„Шампион“ по доживеани и преживеани навреди е угледната лабуристичка пратеничка Дијана Абот, која е 30 години во врвот на британската политика и е првата црна пратеничка избрана во парламентот. Толку многу, што нејзе  ја спомна и премиерката Тереза Меј,од другата страна на политичкиот спектар, велејќи дека Дијана денес добива повеќе навредливи пораки отколку пред 30 години. Таа вели дека за нејзе е едноставно- ги игнорира пораките.

Тоа ли е рецептот? Добро, можеби е за Дијана, се изначитала се’ и сешто низ годините,отрпнала,  но што е за оние кои сакаат да комуницираат со јавноста, кои се’ уште сакаат да кажат нешто, да остават порака, да покренат на акција, а воедно да ги преживеат цунамите од напади, фрустрации, омраза, злоба и лошотилок на социјалните мрежи?

Некои предлагаат да не се реагира. Други да се врати навредата. Трети да се игнорира или да се возврати со хумор. Хуморот е велат, најдобриот одговор. Или да се пријави до надлежните.  Значи како кај малите деца- некој ќе ти каже будала – и ти ќе му возвраиш со будала, и потоа одите понатаму со разменување навреди до ниедно време. Да се возврати со хумор е одлично, ако сте еден од оние на кои веднаш им текнува  што да кажат. Ако сте такви во директен вербален конфликт, тоа е супер и секоја чест. Ама ако сте како мене, тогаш обично „најгенијалните“ ( да, да, без лажна скромност,многу добри) одговори ми доаѓаат обично или вечерта или другиот ден од сабајле, па кога ќе ми дојдат, што да ви кажам, вистинска убавина, ремек дело, ама возот поминал, моментот веќе не е тука, а и на Твитер и на Фејсбук сега веќе нешто друго има и сега веќе нема смисла јас да го враќам филмот назад и криво ми еама попусто. Но ми стои тоа некаде во некој фолдер во мозокот па си велам, ќе го памтам до следниот пат, да не пропадне таа убавина.

Да се пријави кај надлежните? Тоа ме потсетува на оној цртаниот со Пинк Пантер кога лошиот каубоец  ја стриже овчичката, таа си го собира крзното, оди кај овчарот, во случајот  Пинк Пантер и му вика „баухабахабахааааа“. Тој потоа оди кај лошиот каубоец да се расправа и што се случува? Се враќа истрижен!  Но продолжува понатаму и како во филмовите, правдата победува и…хепи енд!

Знам, не е едноставно.Тешко е, и може да биде и трауматично. Последните години на социјалните мрежи има офанзива од разни болни и исфрустрирани умови кои не бираат зборови и начини, затскриени зад разни аватари да шират страв и омраза. Но ниту една од стоте жени на списокот на највлијателните во оваа земја не се откажува од активностите, од политиката, од новинарството, од обидите  да се променат работите на подобро. Жени со влијание? Жени со храброст.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...