Дали Заев е наивен човек ако верува дека ќе наговори десет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за промени на Уставот? Дали Дамјан Манечевски искрено верува дека во ВМРО-ДПМНЕ имало многу „чесни луѓе“?; иако тие „вера не менуваат“ (Калеш Анѓа), за која дале клетва пред пиштол и кама? Веруваат ли и двајцата, заедно со Рада Фуриозо, дека убавиот глас на совеста е посилен од гласот на интересот? Ако веруваат, тоа бездруго значи: сите тројцата се или непоправливи антропо-оптимисти, или политички аналфабети. Трето нема.
Ама, не значи сè уште дека нема и такви кои гласот на совеста го ставаат на прво место наспрема оној на суровиот и бездушен интерес. Не само што има, туку ги има и кај нас. Јас знам за двајца такви кои го ставија својот живот на коцка за да ја спасат државата од деспотизимот на Николае Груеску и Фамилијата. Тоа се двајца дотогаш анонимни инженери од УБК во рацете на Сашо Мијалков. Тие двајца се осмелија да изнесат илјадници снимки на преку 20 000 нелегално прислушкивани луѓе во РМ, да бидат судени и осудени (Звонко Костовски) или да одлежат долг притвор (Георги Лазаревски) во страв дека таму ќе ги стигне „долгата рака на ВМРО-ДПМНЕ“. Има ли пострашен страв од тој страв?
Да сум јас на местото од Заев или некој влијателен како Рада Фуриозо, на пример, веднаш би го поставил едниот за шеф на УБК, а другиот за шеф на МВР. Бидејќи не сум, бидејќи никој за ништо не ме прашува (особено откако станав пензионер), во прв ред оние за кои сум напишал куп рецензии за да дотуркаат до универзитетски професури, не ми останува ништо друго освен сам себеси да си поставувам прашања и сам да одговарам на нив. Ете, господа мои, што ти бил човекот! Кога сфаќа дека никој за ништо не го прашува, почнува сам себеси да си постава прашања и да одговара на нив, т.е. да пишува колумни.
Туку, да се вратам јас на Заев и на десетте величествени кои сега му требаат нему како „хлеб наш настојаштего дна“ за да ја истурка некако работата во парламентот со оној договор со Ципрас. Можеби тој верува дека ќе му појде од рака да наговори барем дестемина оти, нели „дражавата е во прашање“; оти е таа, нели, „поголема од сите нас“; оти, нели, кои сме ние да се бувтаме в гради со нашиот архајско-антички патриотизам; оти нели, не треба да го лутиш оној што го молиш (НАТО и ЕУ); а тој, згора на тоа, ти доѓа дома, на колена итн., уште два до трипати повеќе „оти“ кои се множат како зајаци во кафез.
Ако верува, тогаш верува залудно и попусто. Ако не верува во себеси, а зборува колку за адет затоа што така налага редот, затоа што се бара и очекува тоа од еден демократ по душа и срце, тој е еден политички реалист кој си нема илузии со човекот на „овој свет“. Тој човек е направен од лош и добар материјал. Со таа разлика што добриот потешко доаѓа „до израз.“ Најдобриот и благороден – необично ретко, можеби еднаш на 100 години.
Зошто верува залудно и попусто? Зошто си траќа златно време?
Затоа што сите тие пратеници на ВМРО-ДПМНЕ еднаш му продале душа на ѓаволот. Или, како што учено се вели, тие склучили пакт со ѓаволот. Како и кога? Ако е точно тоа што со години го зборува Ване Цветанов (добро упатен во внатрешните работи на ВМРО-ДПМНЕ), а тој зборува дека цената за пратеничко место била 600.000 евра со потпис врз меница заверена на нотар, тогаш сите тие пратеници веќе му ја продале својата душа на ѓаволот и тоа со тапија. Не за 30 сребреници како што го сторил тоа Јуда, туку за 600.000 евра!
Што всушност прави човек-пратеник кој со меница се обврзува да плати 600.000 евра во случај да му откаже безусловна послушност на семоќниот шеф на ВМРО-ДПМНЕ чија мисла и волја се беспоговорни? Тој не прави ништо друго освен што се откажува од својата мисла во име на неговата. Тој се откажува и од својата волја во име на неговата која станува волја не само за сите пратеници, туку и за оние надолу: од општински и месни комитети на партија, па до обичното членство кое, понятно, се откажува од своја мисла и волја.
А што значи кога еден човек-пратеник се откажува од своја мисла и волја, кога со потпис заверен на нотар се согласува да плати откуп за својата мисла и волја ни малку ни повеќе туку фантастична сума од 600.000 евра? Тоа значи дека неговата мисла и волја, неговата слобода, неговата власт над себеси помалку вредат од парите и славата кои ги носи титулата пратеник. Тоа значи дека со таа титула тој би можел да дојде до многу повеќе пари, а згора на тоа и до – слава! Оти, кој улав му продава душа на ѓаволот ако за тоа не добие нешто „опипливо, големо и огромно“ (Заев, а по еден друг повод)?
Добро, уште од времето на Исус се знае дека човекот секогаш е на зијан кога склучува пакт со ѓаволот. Дека се на зијан добро знаат и оние пратеници кога потпишувале таква меници пред Груеску и за – Груеску. Можеби на тоа ги натерал некој голем зорт што е – веројатно. Како и да е, од луѓе кои било од зорт, било затоа што се просто луѓе и како луѓе подлегнуваат на ситни или крупни искушненија, малку може да се очекува, туку-така, за некои црни очи, да гласаат за некоја иднина на Македонија која била „поголема од сите нас.“ Дури и да дојде до тоа, кое фајде од ликови кои еднаш му продале душа на ѓаволот? Ако се прашувам јас, не би садел краставици со нив. Ќе испаднат криви. За среќа, не се прашувам, а тоа е, можеби, многу подобро.