Чивнинг стипендии се можност за мастер студии на престижни универзитети во Британија

268

Перспективите на Западен Балкан по Лондонскиот самит беше темата на денешната Тркалезна маса на стипендистите на Чивнинг програмата, која се одржа во Скопје.

Организатор на настанот беше Асоцијацијата на Чивнинг стипендисти во Македонија (МЦАА) со поддршка од Програмскиот Фонд за Чивнинг Алумни (ЦАФФ), а на него покрај стипендистите од Македонија учествуваа и стипендисти од земјите од регионов, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора и Бугарија.

Во рамките на настанот се одржаа два паралелни панели на кои учесниците дискутираа за економска стабилност, меѓусебна поврзаност, вклучувајќи ги младите и образованието, како и за регионалната безбедност, корупцијата и политичката стабилност.

Според Рејчел Галовеј, британската амбасадорка во Македонија, која го отвори настанот, Чивнинг стипендијата е вистинска можност за сите кои сакаат да го продолжат образованието на некој од најпрестижните универзитети во Британија.

– Ние сме особено горди што во нашата земја се наоѓаат четири од десетте најдобри универзитети во светот. Чивнинг стипендиите се можност за студирање на одлични факултети во Британија и истовремено начин студентите да ги надградат своите академски, професионални и лични способности. Британското високо образование ја промовира размената на информации и идеи, како и проширувањето на знаењето и комуникацијата меѓу студентите. Воедно им посакувам многу среќа и успех на седумте стипендисти од Македонија од оваа генерација на Чивнинг – истакна Галовеј.

Чивнинг стипендиите се дел од глобалната програма на британската Влада за стипендирање, финансирана од Министерството за надворешни работи и Комонвелт и партнерски организации. Станува збор за престижна меѓународна програма за стипендирање чија цел е развој на глобални лидери и истата дава можност идните лидери и влијателни лица од целиот свет да се развиваат професионално и академски, да ја искусат британската култура и да изградат трајни позитивни врски со Британија.

Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, кој и самиот е Чивнинг стипендист, поздравувајќи ги присутните истакна дека програмата е одлична можност за младите во Република Македонија за стекнување образование на реномирани светски универзитети, но и за запознавање и соработка со различни култури од целиот свет.

– Стипендиите, освен што даваат можност за стекнување извонредно образование, бидејќи се учи на престижни универзитети, според најнова литература, најнови трендови во теоријата и практиката на светско ниво, со почитување на отвореност и критичко мислење, нудат и можност за размена на идеи и создавање непроценливи искуства и контакти. Тие се извонредна можност за младите во Македонија за стекнување нови знаења и искуства и истовремено за градење мостови на долгорочна соработка меѓу Македонија и Британија. Но, не станува збор само за младите, од моето искуство стипендиите се одлична можност за надградба на знаењето на секој поединец профилиран во својата област – рече Манчевски.

Како дел од настанот се одржа и информативна сесија на која се презентираше Чивнинг стипендијата за мастер студии каде сите заинтересирани имаа можност да слушнат повеќе детали за истата и истовремено директно да зборуваат со стипендистите за нивните искуствата.

Чивнинг стипендиите им се доделуваат на лица кои покажуваат лидерски потенцијал и имаат одлична академска основа. Со нив се дава финансиска поддршка за школување на магистерски студии на кој било британски универзитет. Стипендиите Чивнинг се целосни, ја покриваат школарината, сместувањето и другите трошоци во Британија.

Чивнинг постои од 1983 година и низ годините се разви во престижна меѓународна програма. Чивнинг стипендисти се од над 160 земји и територии во светот (со исклучок на САД и ЕУ).

Заинтересираните кандидати од Македонија од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор можат да аплицираат за Чивнинг стипендијата до 6 ноември 2018 година. Стипендијата нуди целосна финансиска поддршка за магистерски студии на универзитети во Обединетото Кралство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...