Има кој да ја клоцне коклицата, без гајле…

Кога веќе ги формиравте изборните штабови, дадовте инструкции на членовите да се подготвуваат за избори, ондак, немате друга алтернатива за подготовки, освен, квалитетно да се расшрафите, и да признаете дека сте поразени. Мамето ни го расплакавте со аматеризам, неквалитет, грамзивост, интересџиство, дрчност, алчност, себичност, арогантност, идиотизам, коруптивност и неизживеана сељачка аздисаност.

1834
Во мкд политиката има сериозни натпревари во кои, замислете, ретко кога има поразени. Колку се посериозни натпреварите ти се чини дека толку се потешки признанијата дека некој е поразен, односно, толку се посилни аргументите дека поразениот всушност е победник, односно, победникот поразен. Мислам дека разбравте што сакам да кажам..?
Нема почиста позиција и поголема поддршка од членството и симпатизерите кон секој политичар, па и спортист, па и обичен граѓанин, кој смогнува храброст да го признае поразот, да пружи рака на „Судиската е последна“, а таа вели, „погледајте семафор“ да го прифати поразот. И да се разбереме, секој обид, да се претвара поразот во победа, е неискреност кон себе, неискреност кон своите најблиски соработници, слабост кон членовите на партијата, кон симпатизерите, кон сите здраворазумни. Да се прогласува голема победа затоа што си одлучил да не учествуваш во натпреварот, да бидеш сеирџија и да навиваш против напредокот на државата, ондак тоа е тешка политичка и човечка глупост после која не те перат сите води со каналите кои го спајаат Дунав, преку Јужна Морава со Вардар…
Анализи и комбинаторики, компарации и споредби, асоцијации и варијации може да има милион, но, моќтта на политичарот, на неговото достоинство, на дигнитетот и авторитетот на партијата, се огледува и се рефлектира како неверојатно силен отсјај во признанието дека е поразен, а не во обидите да се оправдува дека бил наместен, дека го изневериле очекувањата, дека некои црни коалициони сили потпомогнати од странски служби кумувале на поразот, дека списокот не бил прочистен, дека никогаш повеќе граѓани не се изјасниле ЗА, и на крај, дека сеирџиството си го препишуваат како апсолутна победа, дека, сите оние кои не излегле, уствари биле нивни. Поголема политичка дрскост, здравје. Но, што мислите, какви си тие политички лидери, кои ја водат партијата во сигурна победа, а, не знаеле однапред што може да им се деси на тој пат, дека на крајот на денот од гласањето, многу е реално и можно, да се соочат со резултатите во кои се вели дека се поразени? Какви се тие политички лидери, кои, натпреварот го гледаат од глувчешки дупки и демнат нивниот ривал да биде поразен, за да истрчаат на балконите на дивата тераса на „Шампитата“ и да дрекнат, ПОБЕДИВМЕ…? Жими Тасета победивте, и едните и другите…
На едните поразот им доаѓа како гром од ведро небо, како големо и огромно изненадување, како инфлуентен бран после целата и апсолутна меѓународна подршка од највисоките претставници во Европа и Светот, како бунило после тресок на димна бомба во киоск од 4 квадрати, како електрична згрченост после допир со еднонасочна високонапонска искра на градите од полициски пендрек, како тотално слепило од пресилните одблесоци на СЕМАФОРОТ на кој го пишува резултатот од натпреварот во кој учествувале, додека на другиве, апстиненцијата, бојкотирањето и дистанцирањето, им е доволен сигнал резултатот да го прогласат за нивен успех, за голема победа. Ги заболе и едните и другите дека државата е поразена…
Вистинските луѓе, спортистите, па и политичарите, мора да се будат после ваквите шокови со бистар поглед, и прво што треба да направат е да разберат дека натпреварот завршил, дека судијата го означил крајот и им го покажал патот кон соблекувалните, да го усмерат погледот кон семафорот, па да се завртат кон публиката на трибините, да им кренат рака, да ги отпоздрават, на противниците да им пружат рака признавајќи го резултатот, затоа што: Секогаш е многу подостоинствено, похрабро и пофер, да ги бараш сопствените грешки во поразот за да можеш да продолжиш понатаму, отколку истите да ги бараш во нештата за, кои, требале да ти бидат повеќе од јасни пред да влезеш во предизвикот да се натпреваруваш, да го предизвикуваш мкд пучанството на гласање, неподготвен. Ако вака неподгтовен излегуваш на натпревар во кој те „мачкаат на лепче“, како ондак мислиш да ја водиш државата, ќе се праша мкд пучанството. Уште пониско, и помизерно, е курвински да бегаш од натпреварот со мкд здраворазумното пучнаство, да се криеш како чипка под кошула, да трљаш руки твоите политички ривали да бидат поразени победници во изгубена битка, и да скокаш до таван дека ти си победник. Која мизерија, јеботе? Мислам дека и во овој пасус се разбираме, овај, нали…?
И на крај, за да се повикува на избори кои никој не ги посакува, никој ниту ги наслутува како решение, ондак, секој од наведените, ако има муда, разбирасе, мора прво да излезе со признание дека бил поразен, дека во ситуација кога државата е поразена заедно со сите граѓани, нема политички победници, туку само губитници, кои предизвикуваат нов хаос, нови избори. Тој факт, тоа признание, нема воопшто да им наштети, ниту на кариерата, ниту на авторитетот, ниту на достоинството, ниту на храброста, напротив. Ќе ги мотивира, а тоа што е најважно, ќе им ја задржи енергијата, ќе ги остави со бистар и чист поглед кон се’ што следи пред државата, кон се’ ште ги очекува граѓаните, а истото ќе го направат и оние кои ги следеле и продолжуваат да ги следат. Искреноста и самопризнанието ќе ја рашири вербата кај многумина други како дополнителен мотив, како храброст да се истрае во војната и после изгубена битка во која нема политички победници, во која сите сме поразени…
Но, пред тоа, леви и десни, еко централни, соц сончогледовски и сераторско президиумски: Расшрафете се, бре! Демонтирајте се, растурете се, и вратете се во своите шкафчиња на политичката полица во гаражата Македонија во соблекувалните на политичката мкд арена и размислете дека: Нагризаните, р’ѓосаните, оштетените, дефектните, коркачите и пицопевсите, лигавешниците и сончогледите, не смеат да бидат повторно употребени во составувањето на новиот политички мотор на државата. Квалитетот, скромноста, чесноста, образованието, искуството, мора да бидат приоритет во изборот на новите елементи со кои ќе се склопи мкд политичкиот болид, според сите стандарди на ИСО и ХАЛАЛ, на ЕУ и НАТО. Кога веќе ги формиравте изборните штабови, дадовте инструкции на членовите да се подготвуваат за избори, ондак, немате друга алтернатива за подготовки, освен, квалитетно да се расшрафите, и да признаете дека сте поразени. Мамето ни го расплакавте со аматеризам, неквалитет, грамзивост, интересџиство, дрчност, алчност, себичност, арогантност, идиотизам, коруптивност и неизживеана сељачка аздисаност. И, кога веќе сте решиле, ондак, пробајте, бре, и дајте им на граѓаните една изборна единица со отворени листи, ви тврдам дека ќе ве состават. Многу поквалитетно од вас…
Е сеа, доколку во овој пасус не се разбираме, ондак ви нема друго чаре, освен, јажето сами да си го ставите. Има кој да ја клоцне коклицата… Тенкју…
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...