Шилегов: Следната година ќе се знаат контурите на новиот систем за јавен превоз на Скопје

1055

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вечерва изјави дека во текот на следната година би можеле да бидат познати првичните контури на новиот систем на јавниот превоз во главниот град.

– Тука не постои простор за импровизација затоа што луѓето ги имаат секојдневните потреби за јавен транспорт. Тоа треба да се темели на анализи. Градот Скопје во овој момент прави студија врз основа на која подоцна ќе можеме да направиме реоганизација на самиот систем на јавен транспорт и да го направиме поекономичен – изјави Шилегов во интервју за „Топ тема“ на Телма ТВ.

Првиот човек на Скопје кажа и дека во ноември ќе биде завршена постапката за промена на системот на наплата на билети во градските автобуси на ЈСП „Скопје“.

На прашањето дали Град Скопје повторно ќе издаде одобрение за сеча на шумата на Водно во контекст на најавената гасификација, Шилегов рече дека станува збор за утврдена траса за која е издадена правосилна градежна дозвола во декември 2016 година.

– Ако го стопираме овој процес, постапката за гасификација на северозападниот дел на Македонија и Охрид и Струга, ќе се одложи за најмалку пет години, бидејќи допрва ќе треба да се изработи проект, да се издаде градежна дозвола, да се водат постапките за експропријација и целиот процес на гасификација на Република Македонија, којшто и така предолго трае ќе се одложи за најмалку пет години – истакна Шилегов, посочувајќи на програмата за рехабилитација на Водно.

Шилегов, кој одговараше на прашања на граѓаните, најави дека ќе побара во Скопје да се воведе комунална полиција која ќе изрекува мандатни казни и оти и тој лично не е задоволен од хигиената во градот. Но, посочи градоначалникот на Скопје, за хигиената во градот треба да се грижи секој граѓанин лично.

– В среда е седницата на Советот на Град Скопје и ја носиме одлуката за измена на програмата и ја почнуваме постапката за набавка на нови контејнери и нови возила за смет. Во тек е постапка за набавка на десет возила за чистење на тротоарите и на улиците. Влегуваме во еден целосно поинаков систем на третирање на комуналниот отпад – рече Шилегов, додаваќи дека ќе почне реализацијата на проектот за „паметен град“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...