Во изборот на новите членови на Антикорупциска да биде вклучена и јавноста

210

Платформата на граѓански организации за борба против корупција ги потсетува пратениците во Собранието дека Државната комисија за спречување на корупцијата е исклучително важна институција во македонскиот систем за борба против корупцијата, соопштија од Платформата.

– Во интерес на граѓаните е составот на Комисијата да е заснован врз интегритет и компетентност, без партиски влијанија. Временскиот теснец пред можните предвремени парламентарни избори не нѐ уверува дека изборот на нов состав за помалку од една седмица, во постапка според важечкото законодавство, ќе овозможи исполнување на минимум од потребните критериуми. Соодветен состав на ДКСК може да биде избран само на транспарентен начин, кој е ослободен од партиски влијанија, кој ги вклучува граѓанските организации во јавен распит на кандидатите и кој ќе биде емитуван на Собранискиот телевизиски канал – велат од Платформата.

Од таму потсетуваат дека Платформата сугерираше целосно решение кое е вклучено во новиот предлог-Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Без засилени критериуми што треба да ги исполнуваат членовите, како и без јавност и инклузивност во постапката, веруваме дека постои сериозен ризик за обезбедување независност и стручност кај членовите на ДКСК.

– Сакаме да ја информираме јавноста дека на 3. октомври 2018 година Платформата организираше настан на кој беа поканети претставници од сите парламентарни политички партии, односно од пратеничките групи. Целта на настанот беше да дискутираме за новиот предлог на Закон, но истовремено и да разговараме за празнината која е оставена пред можните избори со непотполн состав на ДКСК. Бараме Собранието да најде механизам да го заштити јавниот интерес. Тој претставува заштита на интегритетот на изборниот процес, но истовремено и Комисија која ќе биде избрана низ транспарентен процес, со вклучување на јавноста и зголемени критериуми – велат од Платформата.

Платформата уште еднаш подвлекува дека ДКСК не смее повторно да биде избрана на несоодветен начин. Граѓаните заслужуваат независно тело ослободено од партиски влијанија, спремно да се бори со корупцијата како најголем предизвик за нашата земја.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...