Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои се за НАТО и ЕУ да преземат одговорност во име на граѓаните кои ги избрале и да ги продолжат процесите во Собранието, повика денеска Мухамед Зеќири, пратеник и потпретседател на СДСМ.
– Наместо да се обидуваат преку нелогични барања да дојдат до амнестија за Никола Груевски, Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба едноставно да кажат дали се за ЕУ и НАТО или не. Повеќе од 600.000 граѓани јасно се определија за иднина во ЕУ и НАТО преку прифаќање на Договорот со Грција. Сите пратеници, вклучително и оние на ВМРО-ДПМНМЕ се должни да ја следат мнозинската волја на граѓаните. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои се за НАТО и ЕУ да преземат одговорност во име на граѓаните кои ги избрале и да ги продолжат процесите во Собранието – повика Зеќири.
Тој додаде дека затворањето на патот кон ЕУ и НАТО значи затворање на пристапот до европските фондови, намалена финансиска поддршка, намален обем на инвестиции и работни места. Затоа е важно да продолжи процесот на интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО.
– Но, ако Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, продолжат со измислување нови нелогични барања, фокусирани единствено на амнестија, тоа ќе биде јасен знак дека сакаат да го блокираат патот на Македонија кон ЕУ и НАТО и да ја вратат земјата во изолација. Тогаш единствен начин се предвремени избори кои мора да бидат организирани веднаш за доброто на државата. Мицкоски нема да може да избега од волјата на граѓаните – додаде Зеќири.