По денешната информација дека Апелацискиот суд во Скопје делумно ја уважил жалбата на првообвинетиот Ѓоко Поповски во случајот „Тенк“ на СЈО, а во целост ја потврдил казната на второбвинетиот Никола Груевски, Основниот суд Скопје 1 ги објасни следните чекори на судскиот систем.
„Во однос на повеќе новинарски прашања поврзани со одлуката на Апелациониот суд – Скопје КОКЖ – 23/18 со која делумно се уважува жалбата на првообвинетиот и во целост се одбива жалбата на второобвинетиот во предметот на Основниот суд Скопје 1 – Скопје со КОК 59/17, во јавноста познат како „Тенк“, ја информираме јавноста дека по приемот на предметот од Апелациониот суд истиот согласно АКМИС – електронскиот систем за процесуирање на предмети ќе биде распределен на судија за извршување санкции за натамошно постапување“, наведува судот.
Ѓоко Поповски во првична постапка беше осуден на 6,5 години затвор, а со одлуката на Апелацискиот суд неговата казна е намалена на 4,5 години затвор. На второбвинетиот Никола Груевски, пак, потврдена му е казната од две години затвор.
Според Основен суд Скооје 1, судијата за извршување санкции, согласно Законските одредби, изготвува упатен акт, што го доставува до осудените лица во предметот и истите, по приемот, се должни доброволно да се јават на извршување на определната санкција.