Нема да ги поддржам уставните измени. Нема да го изневерам народот, народот си го кажа своето, рече екс премиерот Никола Груевски на прашање дали има шанси тој да се спаси од извршување на затворска казна ако гласа во Собранието, со оглед на тоа што се во тек разговори за двотретинско мнозинство.
Тој рече дека ќе ги искористи сите правни мерки што им се на располагање нему и на адвокатите.
Груевски го повтори тоа што го кажа на последната негова прес конференција во Собранието, дека станува збор за политички процес против него и оти претседателката на Апелација им давала инструкции на судиите.
– Станува збор за политички прогон политички монтиран процес. Единствено нешто што се промени од таа прес конференција е што тоа се помести за после референдумот – рече тој.
Груевски сѐ уште не ја добил одлуката од Апелацискиот суд. Информацијата дека и второстепениот суд му ја потврди затворската казна тој ја дозна додека седеше во судница на рочиште за предметот „Титаник“ каде е првообвинет.
Инаку, покрај за Груевски денеска Апелација донесе одлука и за казната на поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, кој исто така беше осуден во „Тенк“, на 6 години и 6 месеци затвор. Второстепениот суд му ја намали казната за две години односно на 4 години и 6 месеци.
Во предметот обвинета е и екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но за беа постапката беше раздвоена поради ризичната бременост. Околу два месеци по породувањето, на крајот на август започна и нејзиното судење, а пред првостепениот суд ќе заврши во понеделникот кога ќе биде објавена пресудата.