Остануваат уште пет дена од рокот од „десетина дена“ што Заев го најави како период што ќе се искористи за изнаоѓање на решение за спроведување на уставните измени во Собранието. Шансите за тоа да се случи се, речиси, непостоечки.
Добро. Што и да се случи на и со вонредните избори, резултатите ќе бидат оспорувани. Дури, извесно е дека опозицијата нема ни да се согласи да учествува на тие избори, со оглед на тоа дека условите што ги поставуваат личат на тоа дека ја имаат таа примарна цел: по референдумот, активен бојкот и на изборите.
Речникот, тонот, растечката нервоза, националистичките тези – со еден збор, аутистичкиот тунел во кој е веќе влезена опозицијата – упатува на сценарио во кое ќе се калкулира со практикување на некаква доза на насилства. Целта на тие насилства ќе биде парализа на можноста да се владее со земјата – вклучувајќи ја и примарната цел: блокирање на правната држава! – и постепена деградација на која било можност за консолидирање на политичкиот, економскиот, социјалниот и сите други битни системи на општеството. Заев не смее никако да успее, дури и ако самиот СДСМ си пукне во двете нозе!
Исходот би требало да биде долготрајна политичка криза која ќе ги поништи ефектите од падот на режимот на Груевски и ќе отвори процес за нови преговори во кои, овој пат, на масата на „олеснувачи“, би требало да седне и Москва (од каде Вучиќ, да повториме, некни ги доби сите гаранции од Путин што ги побарал). Па, потоа – што им даде Господ!
Идеалниот резултат би бил од Христијан Мицкоски да се создаде вториот, македонски, српско-руски Милорад Додик на Балканот. Којзнае дали е човекот – Христијан, не Милорад – свесен за тоа?! Иако, во оваа рана фаза, не му оди лошо.
Да ве потсетам, во општи црти, тоа беше и целта на пропаднатиот обид за државен удар минатиот април, што требаше да резултира со прогласување на воена состојба од страна на Иванов. Листите за апсења таа пролетна, априлска вечер беа подготвени, откако ќе се ликвидираше Заев и уште неколкумина во насилствата во Собранието. И тогаш целта беше земјата да се доведе на работ од опстанок за да се сопре падот на Груевски, за да се спасува мафијата.
(Патем, Ѓорге Иванов, со неговиот „проширен“ кабинет, сè повеќе наликува дека е, всушност, вистинскиот Кајзер Сосе на овие сценарија, а не дека е „будалетинката од Водно“ на која сите му се потсмеваат… Ама за тоа си има други што треба да го кажат своето, а засега, јавно, молчат.)
Разликата од тогаш до сега е што Иванов и Груевски овој пат, во сферата на пропагандата, имаат многу попотентна теза за манипулација и мобилизација: го браниме името од предавниците, по пропаднатиот референдум за Договорот со Грција! Тоа, навистина, има во себе голем потенцијал за нешто што во социологијата се нарекува „активитет на социјалните ставови“; или, попросто кажано, желба за конфликт, и со употреба на сила ако е потребно. Своевремено во Босна, на пример, кога никој не веруваше дека ќе дојде до војна, активноста на социјалните ставови на различните етнички заедници експоненцијално се радикализира за рекордно кратко време. Таму останатото е историја.
Сепак, сепак, сепак…
Прашањето за продуцирање кризи и насилни конфликти е исто толку прашање на „физиката“ (тежина помножена со забрзување), колку и на „политиката“ (празноглавци помножени со пропаганда – „груевизмот во нас“, што би рекол вмровскиот реформист Богојески). Се работи за анализа на ресурси: команден кадар, вооружување, меѓународна поддршка, вмешаност на соседи, пари, време, канали на комуникација, резервни позиции и тн. Таа компликувана анализа, на овој простор, не може да се направи. Ама претпоставувам дека секој од вас има некаква претстава за тоа.
Затоа и ќе се навратам на кажаното вчера: не дипломатските, туку други аларми, во други канцеларии на нашите западни сојузници се запалени. И, да бидеме чесни, нивните балкански искуства со предизвикување и смирување конфликти се респектабилни. Имаа доволно можности да се извежбаат на туѓите, наши грешки.
Ајде сега, Милораде, да видиме што си во состојба да испорачаш.
Извор: Цивил медиа