E pur si muove

Но, колку да се знае, мислам дека сето ова уследи по врвниот пресврт – ако се остане на тоа – дека премиерот Заев, конечно, одбива да разговара со онаа смешна п(р)ојава која се претставува како лидер на опозицијата! А впрочем, за што би разговарал со него после онаа подла подметачина за референдумот?

568

Извинете, не слушнав добро: МИА се оградува од изјавите на шушумигана? А таа, шушумигата, сѐ уште работи во МИА, што ќе рече е на државна плата? И тоа баш таму, во централната Агенција? И не биваше да биде прекомандувана, уште во минатиот јуни, некаде во позадина, во некоја служба за лупење компири, во некој „Селски гласник на Свирипичино“? Колку такви шушумиги, знајни и многу повеќе незнајни, сѐ уште се во самиот врв на власта, на државна плата, после сѐ што ни приредуваа во изминатите дванаесет години? И за тоа ни требаат високи командно-штабни анализи?

Вака, имено, го започнав текстот вчера, пред веста дека, конечно, МИА се смилувала да ја суспендира шушупатката. И како, извинете, се дојде од оградување до суспензија, ве молам? Некој нешто шепна? Значи ли тоа дека почнале вистинските анализи, оние длабински, методски, аналитички … за сѐ она што всушност го ремети рејтингот на оваа власт? Или е тоа долго очекуваниот пресврт во анализите кои што, барем досега, се темелеа токму на laissez-faire илити „не таласај“ пред референдум или преведете го како сакате? Не знам, и не можам да знам, ама ми се допаѓа. Толку – знам! Што би рекол стариот и добар Галилео: E pur si muove. (Иако има и такви кои тврдат – пази: тврдат, како да биле присутни – дека старецот никогаш не ги кажал тие зборови. Арно, де, можеби и не ги кажал, ама одлични се!).

И во целиов контекст на „мовирање“, уште една радикална новост: СДСМ бара од шверцерон да си поднесе оставка од функцијата градоначалник! И повторно: E pur si muove, кажал или не кажал Галилео. Но, колку да се знае, мислам дека сето ова уследи по врвниот пресврт – ако се остане на тоа – дека премиерот Заев, конечно, одбива да разговара со онаа смешна п(р)ојава која се претставува како лидер на опозицијата! А впрочем, за што би разговарал со него после онаа подла подметачина за референдумот?

Но, она што мене ме копка е дали сето ова значи дека треба да очекуваме и други слични пресврти во поглед на политиката на власта не само кон „опозицијата“ – наводниците треба да сугерираат дека таа криминална банда никако не можам, барем јас, да ја прифатам како сериозна политичка опозиција – туку и кон нејзините експоненти во државната власт, во општинските власти, во сите сегменти на општественото живеење кај нас? Или, ако баш сакате, сакам да знам дали оваа долго очекувана власт која што дојде на тоа место на крилјата на сенародниот отпор наречен „Шарена револуција“ – без каква и да ѐ намера да го минимизирам и нивниот политички и секаков друг придонес во борбата контра бандата – ќе го продолжи галилејскиот пресврт наречен e pur si muove во сите пори на државниот систем? Или, поинаку кажано, дали претпоставената длабинска анализа изразена низ последниве случувања деновиве упатува на сериозни заклучоци – за во иднина? Не знам, човек кај нас никогаш не е сигурен што сѐ го чека зад аголот, какви сѐ врски и врскички на едно чудо бараби ќе се трансформираат во, демек, „сериозна политика“, кои сѐ персони повторно ќе почнат да кружат по чекалните на кабинетите и ќе фаќаат не-знам-какви-врски за да останат „во игра“ која што никогаш не е игра туку е само пљачкосување на државните фондови? Или, ако баш сакате: направил ли некој длабинска анализа на сите прореферендумски активности: на спотот, на пример, што, демек, пропагира излегување на гласање? Сосе муфљузон кодошки – оној со кутијата – па и уште неколкумина премногу сомнителни според нивните врски со претходниот режим? Е сега, демек, они се сега – наши? Сега? Ни биле, ни ќе бидат? Нив само ги интересираат фондовите, да не речам парите, а за тоа ќе кажат што сакате, односно сѐ што ќе им напишете. И утре пак ќе ни речат чао. Или, на пример, ми фалеа Рифеншталките. Та зарем тие не се одново во игра кога веќе државата повторно им дава пари? Или некој од ракометарите, на пример, оние европскине, или онаа од Управниот одбор на Струшките вечери, или „професоркана“ која што деновиве ни глумеше нешто за Курбиново а пред пет-шест години не’ убедуваше дека онаа креатура на Плоштадот е „многу репрезентативно, раскошно и гламурозно замислен, со динамичка линија“? Дали таквите луѓе навистина придонесуваат за идејата или, реално – одмагаат, ги одбиваат (со гадење!) нормалните луѓе да се вклучат во нивното друштво?

Е во тоа не сум докрај сигурен односно не сум убеден дека „длабинските анализи“ се навистина направени. Иако потегот на премиерот сугерира нешто такво. Ако се, дај боже, да не им го гледаме веќе суратот на коекакви битанги, побратими и посестрими на криминалнион режим. Зашто, извинете, ама сериозната анализа / истражување на јавното мнение, особено пред вакви големи потфати, мора да биде извршена од компетентни луѓе кои ги земаат предвид ама баш сите аспекти на персоните вклучени во кампањи, спотови, реклами, настапи и слично. Од број на чевли, па натаму. Инаку, сето тоа може да биде и контрапродуктивно! Итекако!!! Ако кај мене предизвикува одбивност појавата на муфљузот, на пример, повторно дојден да дрпне уште некој милион македонски пари, ако кај некој втор се јавува чувство на изиграност кога ги гледа актуелните „фаворити“ на власта – инаку фаворити и на претходните бандити – тогаш сомнежите, дилемите, чуденките се мултиплицираат до бесвест. И ако тоа се помножи барем „пута два“, ако не и повеќе, имајќи ги предвид семејните влијанија, тогаш веќе доаѓаме до сериозни бројки! Не знам дали генералско-штабските анализи ги имале / имаат сите овие нешта предвид? Ама – би требало! Зашто работата е навистина сериозна и, како што велат, од ова навистина зависи судбината на државата. Сите претходни заебанции, оние кога си игравме држава, сега се трансформираат во сериозна политика, а таа не трпи импровизации, особено не од типот на отсуство на комлпексни и компетентни анализи за тоа кој, зошто и како треба да се појавува во пропагандата „За“ ова или она. Ако тука ја замешам културата, тогаш подобро да не се појави никој или, ако баш сакате, треба да се отворат десет пара очи. Што, во случајов, не било направено. А пак што не значи дека нема време да се направи, веќе утре! Или, ако повторно сакате, ако некој тргнал според западните (особено американски) шаблони на правањето политички пропаганди, повторно ја утнал работата. Затоа што западните (особено американски) познати личности од уметноста, културата, естрадата, се константни во нивните политички определби. Кај нас, единствена „политичка“ определба на некои од нашиве е: ко да више! Затоа, дури ќе беше подобро во некои спотови да видиме комплетно анонимни лица, ама искрени, посветени, чесни, отколку некои испрофанисани муфљузи кои се тука само заради локалниот буџет.

Извор: Теодосиевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...