Клинички во Бардовци за најмалку 7 години, Владата ќе се брани од пенали (ВИДЕО)

1801

Клинички центар ќе се дислоцира, пресече Владата. Ќе се гради нов на територијата на Општина Карпош, во населбата Бардовци во непосредна близина на психијатриската болница.

Одлуката ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека се разгледуваат неколку локации сите во Бардовци, но најмногу таа што пред осум години ја најави и тогашниот министер Бујар Османи. Новиот Клинички би бил готов за најмалку седум години, бидејќи според проценките на министерот би можело да се почне со градба за година и пол или две, а изградбата би траела четири-пет години. Првичните проценки се дека целата инвестиција би чинела околу 420 милиони евра.
Владата, најави тој, ќе преговара и се надева дека нема да плати пенали од 5,5 милиони евра бидејќи претходната власт веќе потпиша договор за изградба на Клинички центар на постојната локација.

– Ќе имаме можност да разговараме и преговараме, се надеваме дека ќе успееме да не плаќаме пенали и да направиме реангажман на средствата – рече Филипче.

Според него, и да се платат пенали, сепак, тоа на долг рок ќе биде најисплатливата инвестиција.

Деталите за Новиот клинички центар се уште не се дефинирани, од она што е познато е дека просторот на кој ќе се наоѓа е на површина од 83 хектари што е повеќе од три пати поголем од сегашниот кој изнесува 24. Тоа како што вели Филипче ќе биде мал медицинаки град. Дополнително ќе се утврдува дали би била една, две или повеќе згради, а се разгледува и можноста на тоа место да има и истражувачки центар, како и таму да биде сместен Медицинскиот факултет и студентски кампус за сместување на студентите.

Како ќе се финасира проектот, дали и колку од кредити, а колку учество ќе има државата, се уште не е прецизирано. Не се исклучува можноста во игра да биде и Банката на Советот на Европа од која е минатата влада го зема кредитот за изградба на Клинички на постојната локација и на која, ако се плаќа, ќе и плаќаме пенали. Исто така, порача министерот, ќе се преговара и со фирмите со кои веќе е потпишан договор за градба на старата локација, а тие ќе може да си учествуваат и на новите тендери за новиот центар .

Во носењето на одлуката за дислокација, Филипче вели дека го слушале гласот на граѓаните и препораката од Асоцијацијата на професионални архитекти. Локацијата, како што кажа, е одбрана бидејќи е лесно пристапна и за граѓаните од Скопје и за оние од сите делови на внатрешноста. До неа е планирано лесно да се стигнува преку обиколница, улицата Словенечка која треба да стане булевар, преку пробивањето на новата улица од Карпош кај Сити мол, продолжувањето на улицата Железничка од Ѓорче Петров…

– Ако Клиничкиот центар остане на постојната локација, тоа место е веќе загушено. И со новиот паркинг проект улицата Водњанска ќе остане тесно грло. Немаше да добиеме ниту соодветна зграда – појасни министерот.

Ако, како што рече тој, се гради според проектот на постојната локација, кога ќе се завршат двете предвидени нови згради, ќе треба веднаш или во меѓувреме да се влегува во нови инвестиции и да се реконструираат барем седу-осум од постојните згради кои се во катастрофална состојба.

Сепак, додека конечно да се изгради новиот Клинички во Бардовци, министерството и градските власти, најави Филипче, подготвуваат сообраќајно решение за растеретување на метежот до постојниот медицински центар. Наскоро, на плацот во кругот каде требаше да се градат новите згради ќе почне изградба на катна гаража.

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, пак посочи дека земјиштето таму дел е државно дел е приватно, но секако тоа место според постојниот десетгодишен урбанистички план кој важи до 2022 година е зацртано со намена здравство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...