Димовски достави до Собранието одлука за избор на членови за Антокорупциска

1318

До Собранието како Претседател на комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието на Република Македонија, доставив Предлог одлука за огласување именување на членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, соопшти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

– Собранието на 19 март 2018 година разреши пет од седум члена на Државната комисија за спречување на корупцијата, поради што сметам дека е потребно согласно Законот за спречување на корупцијата да се распише оглас за именување на нови пет членови на оваа комисија. Во овој момент државата нема функционална комисија за спречување на корупцијата. Политичката најава за можно одржување на предвремени парламентарни избори наметнува потреба да се комплетира составот на Државната комисија за спречување на корупцијата, заради нејзината надлежност и опфат на задачи поврзани со спроведувањето на изборите, а во согласност со законите – стои во соопштението.

Димовски додава дека одржување на избори без функционален состав кој ќе може да одлучува и постапува во време после распишување на избори и во време на изборна кампања може да значи комплетно беззаконско дејствување на партиите и државните и јавни институции. Ќе нема институција која ќе може да се спротивстави на евентуалните злоупотреби на државните, локалните и јавните институции во полза на партиите.

– Покрај можноста од одржување на предвремени парламентарни избори треба да се има и предвид и неизвесноста од донесување на нов Закон за спречување на корупција која трае подолг период.  За потсетување Државната комисија за спречување на корупцијата е надлежна да ги применува мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето за власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, мерките и активностите за спречување на судирот на интереси, мерките и активностите за спречување на корупцијата при вршењето на работи од јавен интерес на правните лица сврзани со остварувањето на јавни овластувања како и мерките и активностите за спречување на корупцијата во трговските друштва – вели Димовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...