Не сметам дека сум закопана во мрак, туку сум засадена во мрак и прашање на време е кога таа билка ќе никне. Човекот има избор и е она што мисли дека е. Затоа филмот и креативноста денес се поважни од кога било. Сметам дека имаме слобода и ја носиме во себе. Уметноста не би смеела да има граници и во тоа е нејзината цел. До каде ќе дотуркаме, зависи исклучиво од нас, изјави српската театарска и филмска актерка и ѕвезда на југословенскиот филм, Аница Добра, денеска во Скопје.
Таа е специјална гостинка на 3. Меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“, на чие отворање во кино „Милениум“ утревечер во 20 часот ќе ѝ биде врачена награда за особен придонес во филмската дејност. Задутре од 18 часот во кино „Милениум“ на манифестацијата „Бела ноќ“ во нејзина чест ќе биде прикажан филмот „Жената со скршен нос“ на Срѓан Кољевиќ од 2010 година, во кој таа игра една од главните улоги.
Добра денеска на прес-конференција се заблагодари за наградата и рече дека за неа таа е ода за филмот и за сите луѓе што се занимаваат со него.
– Особено затоа што денес повеќе од кога било филмот треба да се соочи со проблемите на денешницата и тие преку филмот да стигнат до публиката. Во таа смисла, оваа награда за мене има голема тежина и почестена сум, а се чувствувам како дома и меѓу пријатели – рече Добра.
Одговарајќи на новинарски прашања, 55-годишната актерка зборуваше за уметноста пред 30 години и денес, за нејзината работа на филм и театар и за ангажманите во Германија кои сѐ уште траат, а почнале уште во 1988 кога германски продуценти ја „откриле“ во филмот „Веќе видено“ прикажан на фестивалот во Пула.
Познатата актерка оценува дека денес постои повеќе цензура и автоцензура отколку во 1980-тите и 1990-тите години, но дека „слободата не треба да се бара и чека од некого, туку треба самите да ја освоиме“.
Добра вели дека денес во регионот малку се снимаат филмови и затоа нејзиното прибежиште сѐ повеќе е театарот.
– Го сакам тој азил во театарот, каде играм улоги кои ми се при срце и се одличен тренинг за што било што ќе дојде подоцна – рече Добра и додаде дека Белград ѝ е базата во која секогаш се враќа од честите патувања во Германија.
Од работа на филм во Баварија се вратила пред неколку дена.
Задоволство ѝ е и кога работи со млади кои, како што рече, се посупериорни денес – „во ова неблагодарно време за уметноста“. Работи со студенти кои, рече, ја враќаат кон корените.
– Некогаш беше чудно на аудиција да се појави актер што умее и да пее. Денес младите и пеат, и зборуваат по три-четири странски јазици, јаваат коњи и умеат да готват во исто време. Верувам сѐ повеќе во младите кои можат многу работи да прават одеднаш. Младите ни се единстевната надеж. Тие ќе го најдат свој пат зашто тие се од ова време и го живеат ова време. Ние тешко се приспособуваме – рече Добра.
Таа се потсети и на филмовите од времето на рокенролот во кои, рече, го антиципирале она што доаѓа – турбофолкот. Рече мислеле дека прават нешто што е само филмски и не верувале дека времето што доаѓа е уште пореално од она што сакале да го претстават. На прашањето за нејзините пејачки способности во „Црни бомбардер“, актерката одговори дека помош ѝ биле „Електрични оргазам“ и Влада Дивљан.
– Не сум пејачка, но полесно пеам кога имам актерска задача – рече актерката и заклучи дека успехот во кариерата веројатно се должи и на тоа што во вистинско време среќавала вистински луѓе на вистинско место.
Фестивалот „Киненова“ утревечер ќе биде отворен со македонска премиера на „Ругање со Христос“ – дебитантски филм на Јани Бојаџи. Тој е во официјалната селекција на фестивалот во која сѐ уште седум филмови. Фестивалот кој веќе почна неофицијално вчера, официјално ќе трае од 5 до 10 октомври. Освен филмовите за награди, ќе има и ревијална програма, а земја во фокусот годинава е Норвешка од каде ќе има пет филмски остварувања.
Директорот на „Киненова“, Небојша Јовановиќ, рече дека „Киненова“, и покрај сите финансиски ограничувања, нуди висок стандард и програмски, и технички, за разлика од некои фестивали кои и оваа година беа поддржани од Агенцијата за филм, а се прикажуваат со низок квалитет.
Фото: МИА