Пази, каде во Градски парк ќе згазиш! (ГАЛЕРИЈА)

375

Градскиот парк во Скопје се наоѓа во очајна состојба. Отпадоци, искршени корпи за отпадоци и мостови, паркинг на кој доколку се приближи возило, целата прашина се крева во воздухот. Местото кое треба да биде одмор за очите, се претвора во опасност за дишните патишта.

Одделението за односи со јавноста и информации за граѓаните на Град Скопје вели дека екипите на ЈП „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ во континуитет работат на подобрување на состојбите со изгледот и хигиената во Градскиот парк.

– Сите садови за отпад и корпи секојдневно се празнат според однапред утврден распоред и динамика. Околу оштетеноста на урбаната опрема од несовесни граѓани како на пример корпи за отпадоци и клупи, истите редовно се репарираат и заменуваат со други. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ редовно ги санираат сите оштетувања на мостовите, а деновиве работат на санација на неколку мостови во вториот дел на Градскиот парк – велат оттаму за Плусинфо.

Во однос на просторот пред просториите на Институтот за сточарство кој се користи како паркинг, од Градот велат дека е предвидена негова реконструкција во периодот што следува, како и поставување на нови содржини за заживување на тој дел од паркот.

Во вториот дел од паркот, како што го нарекуваат, нема ни осветлување, скршени се даските на мостовите, езерцата и каналите се полни со пластично ѓубре и се обраснати со треви. Во такви услови станува сосема небезбедно за граѓаните да се движат или да се шетаат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...