Помошник командантот во Единицата за брзо распоредување (ЕБР), Влатко Наумовски, е еден од сведоците на денешното судско рочиште за случајот „27 април“. Дента на 27 април тој имал слободен ден, но околу 18 часот командирот му се јавил ако може да оди пред Собранието.
Кога пристигнал таму масата веќе ја имала прескокнато оградата и кордоните полицајци и се обидувала да влезе во Собранието. Го информирал командирот што се случува, а му се јавил и Митко Чавков, тогаш директор на БЈБ, на кого исто така му кажал што се случува.
– Од него добив насоки да ја следам состојбата и да преземам мерки и активности во врска со настанатата состојба. Му потенцирав дека имаме константен прилив на демонстранти и дека барам засилување бидејќи по моја проценка со тие сили кои беа распоредени немаше да може да се справиме со нарушувањето – рече сведокот.
Тој тогаш контактирал и со началникот на одделот за специјални полициски операции Митко Пешов, кој исто така е еден од обвинетите.
Кога толпата влегла во Собранието, заменик командирот го информирал Пешов а тој му дал насоки со расположливите сили да влезе внатре.
Набргу кога Наумовски, кој цело време бил надвор од Собранието и со колега координирал, добил информација дека има големо нарушување на јавниот ред и мир во прес центарот и сала број 3, му се јавил на Чавков да го информира, на што сега обвинетиот, му рекол сите расположливи сили да ги упати кон тие простории по што и сведокот преку задната врата влегол во Собранието.
Тој кажа дека не знаел колку пати разговарале ао Чавков, но бил во комуникација вечерта на 27 април. Во неговиот исказ тој посочи и дека од Чавков барал дозвола да се употребат шок бомби на што тој му одобрил.
Овој сведок рече дека потоа направил план за евакуација кога со помош на кордон на полицајци ги евакуирале повредените пратеници, новинари и други лица.