АНАЛИЗА За исплата на пензии ќе бидат потребни повеќе од милијарда евра!

464

Бројот на пензионери ќе расте, а ќе се зголемат и вкупните расходи на државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, особено раст ќе има кај трошоците за исплата на пензии. Објавен е новиот Стратешки план на ПИОМ 2019-2021 година. Јасно е дека дефицитот во буџетската каса ќе се зголемува и овој минус ќе мора да се алиментира од централниот Буџет, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Во очекување на конечна анализа за состојбите во пензискиот систем, засега е познато дека нема да се поместува старосната граница за пензионирање.

Ќе расте бројот на пензионери …

Според сегашните проекции на ПИОМ, во оваа буџетска година, пензија ќе земаат 320 300 корисници, но овој број, според новообјавениот Стратешки план ќе биде во постојан раст во следните три години. Само на годишно ниво или во 2019 во однос на годинава, бројот на пензионери ќе се зголеми за нови 4.082. Проекциите што ги  изработи државниот фонд покажуваат дека во 2021 година во Македонија ќе има повеќе од 335.000 пензионери.  

Корисници на пензија

Број на корисници

2019 година

324.382 корисници

2020 година

330.051 корисници

2021 година

335.835 корисници


Ќе расте бројот на корисници на пензија, но ќе расте и трошокот за исплата на редовни пензии. Годинава, за редовна исплата ќе се потрошат речиси 880.000.000 евра, но оваа сума ќе биде во постојан раст во следните години. Според познавачите, причината за пораст на расходите се лоцира во две точки – зголемување на бројот на пензионери и зголемување на висината на пензиите. Според економистите што ги консултираше „Порталб“, со сегашната поставеност на пензискиот систем и динамиката на новите вработувања (од кои треба да се обезбедат приходи по основ на придонеси), очекувано е дека ќе се продлабочува и дефицитот во фондовската каса.

– Според некои симулации, дури и кога не би постоела невработеност во Македонија, Фондот повторно би имал недостиг од изворно финансирање. Затоа е неопходна темелна широкопојасна реформа, во смисла на оптимален микс од корекции кај стапките на придонеси, заменските стапки, границата на пензионирање и условите за пензионирање кај бенефицираниот стаж. Овие корекции не треба да се прават веднаш и нагло, туку да се испланираат сега и да се спроведат во некој доволно долг период од 10-тина години, за нивниот товар да не биде значително почувствуван од засегнатите страни. Лично очекувам дека Владата најпосле ќе излезе со долгоочекуваната студија за пензиската реформа, која беше ветена уште во февруари годинава, и дека ќе се воздржува од популистички мерки во делот на бенефицираните стажови – вели професорот Марјан Петрески.

Анализата на расходите за пензии што ја направи „Поратлб“ покажува дека во 2021 година во однос на годинава, вкупниот трошок за исплата на пензии ќе се зголеми за близу 140.000.000 евра. 

Расходи за пензии:

2018 година                      879.076.910 евра

2019 година                      919.631.056 евра

2020 година                      968.659.349 евра

2021 година                   1.016.853.008 евра

Годинава вкупните раходи на ПИОМ се проектирани на ниво од 1,1 милијарда евра а повеќе од 43% од оваа сума се покрива со пари од централниот Буџет.

„Во текот на 2018 година, 54.000 милиони денари се наменети за исплата на пензии, со вклучено редовно законско усогласување“, се наведува во Буџетот за 2018 година. 

Дефицитот во фондовската каса е во континуиран раст во период од десет години, буџетските трансфери со кои се обезбедува ликвидност се зголемени за 1,8 пати. Државниот фонд влезе во зона на финансиска нестабилност – најпрво по реформата во 2006 година, кога се случи премин од едностолбен во тростолбен пензиски систем, а потоа и со намалување на стапката на придонеси од 21,2% на 19% во 2009 и понатаму на 18% во 2010 година. 

Најбројни корисниците на старосна пензија – со удел од речиси 64% …

Според висината, предничи воената пензија која во август годинава била повисока од 21.000 денари, додека најниска е земјоделската пензија од околу 7.000 денари. Висината на просечната пензија во Македонија, измерена во осмиот месец од годинава изнесувала 14.146 денари или 230 евра.

Просечна висина на пензија според вид

Семејна пензија           11.331 денари

Инвалидска пензија     12.801 денари

Старосна пензија         15.414 денари

Земјоделска пензија       7.033 денари

Воена пензија               21.330 денари

Од друга страна, најбројни се пензионерите – приматели на старосна пензија, додека најмалубројни се оние кои земаат минимална, земјоделска пензија.

Структура на пензионери

Мини.земјоделска пензија        0,07%

Воена пензија                            0,42%

Инвалидска пензија                 11,44%

Семејна пензија                        24,20%

Старосна пензија                      63,87%

Во август годинава, според официјалната статистика на Фонодот за пензиско и инвалидско осигурување, во земјава имало 315.112 пензионери. Во очекување на конечната анализа за состојбите во вкупниот пензиски систем, која треба да се изработи во соработка со меѓународни финансиски експерти, надлежните се изјаснија дека засега нема да се менува старосната граница за пензионирање, мерка која беше лиферувана во јавноста како можна со цел да се ублажи финансиската нестабилност на ПИОМ.

– Важно е да се напомене дека и сегашните пензионери се безбедни. Пензии имаме, исплатата на пензии е редовна. Двапати годишно како што ветивме така и правиме, ги усогласуваме пензиите со трошоците за живот и растот на плати, и токму затоа има и постојан раст на пензиите. Остануваме на истиот став – возрасната граница за пензионирање нема да се поместува. Сите други адаптации што ќе се прават нема да бидат на штета на никого, туку сите заедно да инвестираме во еден подобар систем. Не би дала рок, важно е да сме на сигурно кога една реформа се прави да сме согласни дека нема дилеми дека на крајот ќе имаме стабилен пензиски систем што се грижи и за сегашните пензионери и за идните пензионери – изјави неодамна министерката за труд и социјална полиитика, Мила Царовска.

Дел од економистите оценуваат дека со сегашната поставеност на вкупниот пензиски систем, одржливоста е на „стаклени“ нозе и дека во догледно време реформите ќе бидат неизбежни.

Сите чинители во нашето општество, вклучително и носителите на политиките, се согласни дека на ПИОМ му е потребна реформа. Да ги потсетам читателите дека и премиерот изјави дека доколку е неопходно, ќе прибегне кон зголемување на границата за пензионирање. Оваа состојба е предизвикана од тоа што пензиите – главниот расход на ПИОМ – беа зголемувани во минатото ад хок, а од друга страна, беа намалени пензиските придонеси – главниот приход на ПИОМ. Со таков тренд, сега сме во ситуација во која скоро половина од средствата ПИОМ ги добива од централниот буџет. Значи, пензии секогаш ќе има, бидејќи централниот буџет никогаш нема да пресуши, меѓутоа одржливоста на фондот е значително загрозена поради опаѓачкиот тренд на неговите изворни приходи – вели професорот Петрески.

Светска Банка и Меѓународниот монетарен фонд веќе неколку години по ред предупредуват дека македонскиот пензиски фонд е неодржлив на долг рок. Во Македонија соодносот вработен – пензионер изнесува 2 спрема 1, односно на секои двајца вработени има еден пензионер, што не е во согласност со европските стандарди и се смета за неодржлив тренд.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...