Граѓаните сѐ повеќе преферираат да „моткаат” отколку да си купат готови цигари од продавница. Иако за некои тоа претставува мачење, купување филтри, ризли, тутун а потоа и моткање, други сметаат дека со овој начин успеваат да заштедат некој денар во време кога цените на производите растат.
– Виткањето повеќе се исплаќа. Квалитетот варира, а цената зависи од тутунот. Ако пушењето цигари месечно чини околу 2.500 денари, тогаш за виткање на тутун би платиле од 700 до 1.300 денари – вели Ивица Јованоски за „Плусинфо”, кој и самиот виткал тутун пред да престане целосно да пуши.
Пазарски тутун може да се најде од 400 до 1.200 денари, а едно кило тутун може да трае од два до три месеци.
– Треба да се купат филтри и ризли, но и со тоа, далеку е поевтино. Според мене, тутунот е поквалитетен и почист од оној во готовите цигари – вели тој.
Јованоски појаснува дека некои луѓе се одлучуваат за празни цигари, за кои се употребува машинка за да се наполнат со тутун. Поголем дел од луѓето што пушат тутун се одлучуваат за оваа опција.
Препорачливо е, вели Јованоски, тутунот да се чува добро складиран во ладилник. А може да се додава лушпа од јаболка или од портокал, која помага да се одржува влажноста на тутунот за да не се исуши.