Колку што нашето – иако под ова „нашето“ го подразбирам ангажманот само на неколкумина „забегани“ – настојување за поголема присутност на фотографијата во македонските музеи и галерии (нешто, демек, како во светот!), можеби, ќе придонесе и за поголемо разбирање на истата, таквата настојчивост некогаш е и контрапродуктивна. Како што, впрочем, кај нас секоја добра заложба на крајот може да заврши во ѓубре. Но, фотографијата, па и македонската, каква-таква, е сепак драгоцена за да биде препуштена на случајот и на мешетарењата од коекакви аматери.
Фото сојузот на Македонија е единствената (за жал) релевантна / реперна точка кај нас – бидејќи македонските музеи и галерии се тотално неписмени за фотографијата – која што може барем да ги поместува нештата во саканата насока. Ако ја знае, се разбира. Насоката. Но таа и не е многу тешко да се открие зашто кај нас третманот и разбирањата за фотографијата се сѐ уште на нивото на МАНУ (што ќе рече: на почетокот на 19от век!). Како и да ѐ, изложбата токму на оваа фотографска асоцијација наречена „МОМЕНТ“ односно „Актуелен момент во современата македонска фотографија“ претставуваше релативно освежување во третманот на фотографијата кај нас, во повеќе сегменти. Иако и таа со свои слабости, без кои, изгледа, кај нас ништо не поминува. Но, барем експозицијата беше професионална, опременоста на фотографиите исто така, заличувајќи прилично на современите европски фото изложби.
Друг проблем е што и Фото сојузот на Македонија сака да глуми и теоретичар и куратор на фотографијата, а за тоа не е ни квалификуван ниту компетентен. Но, добро, изборот на т.н. момент на македонската фотографија може да биде и работа на „вкус“ – иако не е, се разбира – така што различни составувачи би направиле различен избор. Ама сепак, во кој и во каков „критериум“ влегува фотографијата со едно бебе распослано на брачен кревет? Или едно девојче како игра на некаква свадба? Или куче што гледа низ прозорец? Мислам, наспроти повеќето напори за квалитетен фотографски исказ, овие примери наликуваат токму на „вкусот“ од пред стотина години. Сакам да кажам: за еден дел од селектираните фотографии нема ама баш никакво (техничко, естетско, историско …) оправдување зошто се нашле во еден таков („современ“) избор. Заедно со, на пример, неколкуте доајени на македонската фотографија, од форматот на Александар Кондев, Боро Рудиќ, Цветан Гавровски, Владимир Арсовски, Раде Луковиќ и други, чии што и експонати (донекаде) го оправдуваат стекнатото реноме. (Велам донекаде зашто јас, на пример, би направил сосема друг избор на фотографии од Кондев, или од Рудиќ, Арсовски итн., но да речеме дека тоа е работа на „вкус“. Иако – не е!). Секако и на автори од помладата генерација, на пример: Филип Филиповиќ, Трајче Атанасовски, Душан Доцевски, Сашо Алушевски … и Дејан Гилески, кој се вклопува во некои светски фото трендови. А сепак, не негирајќи ја неопходноста од присуството на помладите автори, мислам дека Фото сојузот на Македонија на јавноста ѝ должи и една репрезентативна (ај да ја наречам историска) експозиција на македонската фотографија со застапеност и на автори од калибарот на Владо Плавевски, Иво Вељанов, Васил Боглев, Мирза Ченгиќ, Сашо Цветиновски и многу, многу други! Кога веќе нема кој друг тоа да го прави, мислам дека Фото сојузот останува единствената адреса на која што треба да се обратиме.
А бидејќи ги спомнав светските трендови, во Музејот на совреманата уметност неодамна, во рамките на „Викендот на гордоста, Скопје 2018“, се одржа изложбата на фотографии на Дел Лагрејс Волкено – т.н. gender variant visual artist – насловена „Corpus Queer Resistance“, изложба која што се бави со „жешки“ општествено-културни, (транс)сексуални па и политички теми, нешто што ние, едноставно, одбиваме да го прифатиме како актуелност (не само во уметноста). (Фактот дека изложбата се одржува во МСУ не е контрадикторна на моето тврдење за незаинтересираноста и неспособноста на нашите институции да се бават со современата – и историската – фотографија, зашто Музејот е само домаќин на изложбата и ништо повеќе!). Волкено себеси се нарекува „part-time gender terrorist“, а нејзината фотографија повеќе од триесет години се бави со родовите варијации, сексуалноста и телесните мутации. Актуелноста / жешкоста на темите никако не го намалува квалитетот на нејзините/неговите фотографии!
И сега, после сѐ, доаѓаме до најновата „изложба“ на „фотографии“ наречена „Свети места“ (во Чифте амам, а каде ако не таму?) на извесен Панче Велков, кој сака себеси да се претстави и како фотограф, дури и со „опус“, а во пропратниот текст не’ убедуваат дека „неговата фотографија ја претставува географската и културната широчина на неговиот приод, и го потврдува неговиот ангагажман во долгогодишниот третман за заштита на културното наследство“. За жал, македонските музеи и галерии, не знаеме зошто, изложуваат и вакви типично туристички бурлески кои немаат ама баш никаква врска ни со фотографијата, уште помалку со уметничката фотографија, освен што се направени низ фотографска постапка. А такви низ светов има – милијарди! И сега, зошто баш овие, и зарем баш тие го прикажуваат на вистински начин (и) македонското културно богатство? Ни случајно, а уште помалку пак „фактот“ дека присуството на човекот ги прави овие свети места „живо културно наследство“! Ма дајте, ве молам, па во кој век ние живееме за да се бавиме со вакви глупости, уште и преку ваква „фотографија“? И уште кога ќе ја видите „опремата“ на фотографиите и самата експозиција, ви доаѓа да седнете и да плачете! Елем, ако некој сакал да го прикаже македонското културно наследство – цркви, џамии, фрескоживопис итн. – и од тоа да направи сериозна изложба, требал да ангажира професионален фотограф. Толку, а не умислени дилетанти кои не знаат ни што е фотографијата, а камоли да се бават со неа. И згора на сѐ, се слушаат гласови дека „изложбата“ ќе патувала во Париз! Е па уште тоа ни фали, во Париз да се појавиме со ваква „фотографија“!!!