Зоки и Христијан, не ни ветувајте дека ќе биде подобро, најдете начин како да не биде бетер!

Да сум јас на местото на Зоран Заев и на Христијан Мицкоски, сега би размислувал како лошото да не стане бетер. А може да стане. Може да се случи да потрошиме време, сили и пари на избори што нема битно да го изменат распоредот на политичките сили. Може да дојде до нова блокада на процесот. И што потоа?

5645

Македонија е во политичка криза. Повторно. Се потроши краткотрајниот оптимизам дека имплементацијата на Договорот од Преспа ќе оди лесно. Сѐ појасно е дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, вака поставени, нема да успеат да најдат заеднички јазик за ова прашање, кое е услов за прием на Македонија во НАТО и за почеток на разговорите за членство во ЕУ. И сѐ погласно се зборува дека излезот од кризата ќе се бара во предвремени парламентарни избори.

Ја разбирам јас „простата математика“, која во услови на непостоење двотретинско мнозинство за уставни промени, едноставно, налага нов распоред на политичките сили, до кој може да се дојде единствено по пат на избори. Ги разбирам и аргументите со кои се артикулира оваа теза. Ја разбирам дури и воинствената реторика, со која двете страни се обидуваат да ги утврдат своите позиции пред изборите.

Она што не го сфаќам е дали и двете страни, а особено ВМРО-ДПМНЕ, размислуваат за сценаријата што во случај на неисполнување на нивните очекувања од новата изборна битка. Оти, имам впечаток дека дури и оној дел од избирачкото тело кој ентузијастички гласаше на референдумот, е изморен од целава драма и од обврската повторно со гласање нешто да покажува или докажува. Ме гризе и сомнежот дека предизборното јуначење нема да биде доволно за да нѐ убеди дека баш изборите ќе решат сѐ – дека ВМРО-ДПМНЕ ќе потклекне, како што очекуваат приврзаниците на СДСМ; или дека бојкотирачите ќе извојуваат уште една победа во „битката за името“, како што се надева СДСМ. Ме плаши дека ништо од сето тоа нема да се случи, барем не без да се плати висока, можеби дури и превисока цена.

Експертите велат дека тајната на кризниот менаџмент не е од лошото да се направи добро, туку да се спречи лошото да стане полошо. Да сум јас на местото на Зоран Заев и на Христијан Мицковски, сега би размислувал токму на таа тема – како лошото да не стане бетер. А може да стане. Може да се случи да потрошиме време, сили и пари на избори што нема битно да го изменат распоредот на политичките сили. Може да дојде до нова блокада на процесот. А ВМРО-ДПМНЕ може да се соочи со уште поголема политичка изолација.

Најлошо од сѐ, страхувам дека решавањето на политичката криза во земјата би можело да стане дел од еден поширок, регионален план, при што Македонија би била предмет на компензациските зделки меѓу Белград и Приштина. Монета за поткусурување, како и порано. Мразам вакви теории на заговор, ама ситуацијата ептен не ни чини и неминовно мора да се размислува и за опасноста од такви сценарија.

Затоа, мојот едноставен совет до Заев и до Мицковски е овој – седнете на маса, направете разумен компромис, попуштете двајцата и дајте веднаш да ја заграпчиме шансата! Има време за избори. Еве, напролет, на претседателските избори, ќе си ги измерите силите. Работава не држи до пролет. Досегашниот неуспех, како што вели Хенри Форд, е можност човек да се обиде да биде помудар.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...