Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ доставија до Собранието предлог одлука за формирање на Анкетна комисија за испитување на целокупниот процес на референдумското изјаснување на 30-ти септември 2018 година, соопшти партијата.
– Покрај периодот на кампањата, анкетната комисија ќе има за задача да ги провери индициите дека на одредени избирачки места има сериозни нерегуларности односно фалсификување на резултатите преку полнење на кутии. Основаните сомнежи за сторен фалсификат на правото на граѓаните за гласање односно негласање мора да се расчистат. Довербата на граѓаните во институциите е сериозно нарушена и некој мора да сноси одговорност. Анектната комисија ќе има задача да утврди дали за време на кампањата постоело поткупување на гласачите и правење на притисоци од одредени избрани и именувани јавни функционери – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека Анектната комисија треба да ја разгледа и утврди политичката одговорност за резултатите од референдумот, нарушениот углед на институциите и потрошените средства од Буџетот. Целта на оваа Анкетна комисија е низ дебата да ги утврди сите аспекти од референдумското изјаснување на 30 септември 2018 година и враќање на довербата на граѓаните во институциите.