Непосредно пред стартот на состанокот на министрите за одбрана на членките на НАТО, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, порача уште еднаш дека Договорот со Грција е единствен пат за влез во оваа и други организации, но дека земјата суверено треба да одлучи дали и како тоа ќе го стори, преку Собрание или предвремени избори.
– Нема алтернативен пат за влез во НАТО без заеднички договорено решение со Грција. Токму поради тоа го поздравив Договорот со Грција и целосно ја поддржувам неговата имплементација- рече Столтенберг.
Тој посочи дека компромисот со Грција и влезот во НАТО ќе биде голема предност за Македонија и за регионот .
-Ќе ја примиме земјата како 30-та членка, но договорот за името мора да биде имплементиран- вели Столтенберг.
Генералниот секретар потсети на бенефитите што ги донело членството во НАТО за Црна Гора.
– Фактот што Црна Гора стана членка беше добро за неа и за стабилноста во регионот, но исто така создаде основа за повеќе инвестиции и економски просперитет. Откако Црна Гора се зачлени, двојно се поголеми инвестициите од сојузниците во оваа земја и се надевам дека ќе можеме да го видиме истиот развој во ПЈРМ, доколку помине Договорот- истакна шефот на Алијансата.
Тој, сепак, одби да одговори на прашањето за евентуална руска вмешаност во политичките процеси во Македонија.
Високи дипломатски извори во НАТО укажуваат на тоа дека “доколку Русија навистина се залага за стабилност на земјата таа ќе го поддржеше референдумот.“
– Повеќ пати сме виделе дека руските политичари референдумот го опишуваат како провокативен акт. Тоа едноставно е без основа. Ако Русија навистина се залага за стабилност на земјата и ако се преставува како ваш пријател кој сака да ги решите вашите проблеми тогаш од неа ќе очекувавме поддршка за референдумот. Фактот дека тоа не се случи отвора различни прашања- изјави висок дипломат на НАТО пред министерскиот состанок на Алијансата.