Три до четири жени дневно заболуваат од карцином на дојка, а бројот на заболени од оваа болест во Македонија е двојно зголемен во изминатите десет години – ако во 2008 година изнесувал 600-ни, сега е повеќе од 1.200 – рече денеска на прес-конференција претседателката на Здружението „Борка – за секој нов ден“, Биба Додева. Таа ја најави кампањата „Допирај се розово“ за подигнување на свеста за ова заболување, за превенција и рана дијагностика.
Централниот настан од кампањата „Напред розово“ ќе се одржи в недела на 7 октомври во Градскиот парк кај Школка во Скопје.
– Информирањето и едукацијата за оваа болест е од огромно значење. Ракот на дојка може успешно да се излекува, ако се открие во ран стадиум. В недела ќе им дадеме поддршка на сите оние кои се соочуваат, се соочиле или ќе се соочат со оваа болест – рече Додева.
СОС телефонската линија 075 228 899, за поддршка на пациентите и нивните семејства, работи секој ден 24 часа.
Кампањата на „Борка“ веќе десет години се реализира во соработка ао Американската амбасада. Лора Браун од Американската амбасада, на прес-конференцијата рече дека се горди што го поддржуваат настанот „Напред розово“.
– Напорите за зголемување на свеста за ракот на дојка ја покажуваат силата која доаѓа од група луѓе кога ќе се соединат со иста цел. Тие не потсетуваат дека ракот на дојка е болест која го допрела секој од нас. Сите имаме член од семејството, пријател или сосед, кој се соочил со оваа болест. Да се надеваме дека сите ќе се придружат на „Борка“ и на тимот од Амбасадата в недела да чекорат во чест на сите кои го изгубиле животот, како и сите кои продолжуваат со борбата со болеста, додаде Браун.
Одговарајќи на новинарско прашање, Додева рече дека од минатата година континурано е достапна една од терапиите за рак на дојка за прв, втор стадиум…
Посочи дека бараат од институциите сите нови иновативни лекови кои даваат можност да им се продолжи животот на пациентките со метастатски карцином, а ги набавува Клиниката за онкологија, да бидат ставени на позитивна листа на лекови. Укажа на неопходноста од национален регистар на пациенти со канцер и имплементација на Националната стратегија за контрола на ракот во Република Македонија.
Одговарајќи на новинарско прашање Додева истакна дека пациентите со малигни заболувања чекаат три четири месеци за да им биде направен преглед и поради тоа, како што рече, комуницирале со Министерството за здравство за да се изнајде решение и тие пациенти да имаат предност и да не чекаат долго за преглед.