Меѓународниот фактор бара Собранието да си ја заврши работата

442

Меѓународниот фактор по завршувањето на референдумот во Македонија на кој мнозинството граѓани кои излегоа на гласање се изјаснија за европската иднина на државата очекува македонското Собрание да ги усвои уставните измени кои произлегуваат од Договорот со Грција.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција во Брисел го поздрави постигнатото одобрување за Договорот од Преспа и додаде дека Македонија може да стане членка на Алијансата во 2019 година, ако го прифати Преспанскиот договор.

– Сите внимателно го следевме изјаснувањето на референдумот во Поранешната Југословенска Република Македонија. Го поздравувам постигнатото одобрување за Договорот од Преспа. Скопје треба да ги определи следните чекори – изјави Столтенберг.

И пратеничката од групата на европските социјалдемократи Тања Фајон во изјава за МИА изрази задоволство од убедливата поддршка која граѓаните на Македонија и ја дале на Спогодбата со Грција и покрај фактот што загрижува неизлезеноста.

Според Фајон, сега на ред е Собранието за усвојувањето на уставните амандмани. – Премиерот Заев ја има мојата потполна поддршка и се надевам дека Договорот ќе биде усвоен. Секое друго сценарио значи враќање чекор назад, истакна Фајон.

Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн предупреди дека доколку Договорот со Грција не се изгласа во Собранието, тогаш Македонија ја чека уште една деценија тапкање во место како што беше од 2005.

– Јас не гледам како ќе можеме да ги отвориме вратите ако не се прифати договорот. Вратите се отвораат со договорот. Без договорот, вратите не се отвораат. Не сум фаталист, но може да трае, знаете, може да трае… Затоа сметам дека ова е одговорност за судбината на земјата и зависи од гласањето во Собранието. Тоа е тоа – вели Аселборн во изјавата дадена за МИА.

Повик да се спроведе Договорот со Грција и македонското Собрание да ги усвои уставните амандмани кои произлегуваат од Договорот  вчера упатија и Германија, Италија, Франција и Канада.

Портпаролот на канцеларката Ангела Меркел, Штефан Зајберт изјави дека големата поддршка на референдумот е причина повеќе за продолжување на Договорот, иако излезноста била мала. Според Зајберт, важно е да се продолжи со поддршката на спроведување на Договорот, кој, како што рече, претставува историска можност за надминување на една пречка во односите на Македонија со НАТО и ЕУ.

Франција го поздрави фактот што големо мнозинство од излезените гласачи искажале поддршка за Спогодбата од Преспа и за приближувањето на земјата кон Атлантската алијанса и Европската унија.

– Сега Парламентот треба да се произнесе за уставните амандмани во врска со спроведувањето на Спогодбата, а врз основа на резултатот од референдумот – истакна портпаролката на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Ањес фон дер Мил во изјава што ја пренесе Амбасадата на Франција во Скопје.

Италија дава целосна поддршка за евроатлантскиот пат на регионот и се надева дека Парламентот ќе ги одобри уставните промени предвидени во Договорот, е пораката што ја упати италијанското Министерство за надворешни работи.

И шефицата на австриската дипломатија Карин Кнајсел смета дека и покрај неуспехот на референдумот за името на Македонија, пред се, заради слабиот одзив на гласачите, изјаснувањето во неделата покажало „јасен сигнал за поддршка“ на решението за спорот околу името со Грција.

Со реакција вчера се јави и руското Министерство за надворешни работи во која се вели дека резултатот од референдумот во Македонија покажува дека гласачите одлучиле да бојкотираат решенија наметнати од надвор.

– Водечките политичари од НАТО и Европската Унија директно се вклучија во пропагадната кампања, не воздржувајќи се од мешање во внатрешните работи на земјата. И покрај фактот што две третини од граѓаните на Македонија не го поддржаа  Преспанскиот договор, резултатите од референдумот веднаш беа поздравени од лидерите на ЕУ и НАТО, како и од Вашингтон. Тие се решени да го вклучат Скопје во НАТО и покрај спротивниот став на македонските граѓани – наведоа од МНР на Русија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...