Ова е таа недела

4000

Ова е таа недела кога работите се чинат истовремено и безнадежни и ветувачки, кога расположенијата се менуваат во зависност од тоа со кого последен сте разговарале, кого сте надвикале во кафеанската или телевизиската дебата или на која расправија сте се закачиле на Фејсбук. Ова е таа недела во која ќе се цитираат објавени текстови од Огнена Земја до Камчатка и дадени изјави од Улан Батор до Конго Киншаса, во зависност од опортунитетот на дадените политички ставови.

Ова е таа недела кога се кажуваат глупости по кои ќе ве паметат до века и кога се раскинуваат пријателства кои можеле да траат до крајот на животот за работи за кои само до пред една недела ќе ги премолчевте или барем ќе се направевте дека не сте ги дочуле.

Ова е таа недела кога се пуштаат пробни балони за најлуди можни сценарија и кога сите комбинации и дијаметрално спротивни можности се чинат, едновремено, подеднакво физибилни и исто толку неостварливи.

Значи, тоа е таа стандардна македонска недела за најавување на уште една, којзнае која по ред, тешка политичка криза во земјава, во која половина од оние кои останале овде жалат што не заминале кога уште можеле, додека другата половина жали што другиве останале, а можеле на време да си заминат.

Сега е вистинската недела да се извади истиот, стар, балкански подзар’ѓан сад за маткање јајца и во него да се помешаат малодушноста, триумфализмот, рационалноста, небулозите, провокациите и разните мижи-бутај комбинации што се чуваат како зимница во шпајзови и подруми само за вакви прилики, за вакви недели. Кога, ако не сега!?

Политички, во овој вид на „македонска недела“ – теориска категорија слична на синтагмата „македонска салата“ – факторите во земјата користат прилика да ѝ ги соопштат на јавноста своите најрадикални позиции, од кои не мислат да отстапат ни по која цена, барем до идниот понеделник! Што значи дека „зад сцената“ се преговара за условите за отстапките што ќе почнат да се прават веќе од вторник.

Во конкретнава кризна недела, се наѕираат контурите на тие отстапки: уставните измени ќе се прават по пат на тајно гласање во Собранието – можно е и со изгласана клаузула, легална според закон, таа тајност да трае триесетина години од денес, бидејќи е општо познато дека клетвите не држат после третото колено од кога се фрлени – со што би се овозможило на 5-6 пратеници да го спасат она што е останато од „образот“ на ВМРО-ДПМНЕ, за да не излезе во историјата дека, по којзнае кој пат повторно, оваа организација со повеќе од стогодишна експертиза за организирање македонски погреби, помени и панихиди, се ставила карши-карши со подобрата иднина на сопствената нација.

Која ќе биде цената на таквиот компромис, онаа што никој нема јавно да ја образложи? … Ех, па, знаете, судството во Македонија е нереформирано и споро, системот е компликуван, адвокатите вешти, а и со доказите имаше некаков проблем, бидејќи вештачењето покажа дека обвиненијата држат, ама роковите се истечени… Или така некако.

И сето тоа до некоја следна ваква недела, за два месеци или за двесте дена, кога сите повторно ќе се согласат дека немаме капацитет за држава, ама дека мора да нè биде, бидејќи не ни е дојдено времето баш сега да нè снема. Всушност, кога еден ден навистина ќе нè снема, ако тоа веќе и не се случило минатиот петок или понеделникот потоа, можеби нема ни да почувствуваме.

Ова е една таква недела.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...