ОБНОВЕНО E мој Саша, где је сада љубав наша?

Во екот на руската пропаганда против Македонија, градоначалникот на скопската општина Центар, Саша Богдановиќ, наумил да оди на парадата во Белград на 11 ноември, каде што ќе присуствува и Путин. Дали ова го одобруваат Заев, Димитров и Шеќеринска?

16836

На 11 ноември во Белград ќе се одржи голема воена парада, на која Србија ќе го претстави своето најново вооружување. На парадата, меѓу другите, ќе присуствуваат и двајца значајни светски политичари – рускиот претседател Владимир Путин и Саша Богдановиќ, градоначалник на скопската општина Центар!

Секако дека ова звучи неверојатно, но доказ за намерата на градоначалникот Богдановиќ е овој негов пост, објавен среде кампањата за референдумот:

Плусинфо бара објаснување од градоначалникот Богдановиќ за овој негов пост.

Плусинфо јавно ги прашува премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска дали ја одобруваат намерата на Саша Богдановиќ да присуствува на парадата во Белград.

Инаку, ако го посетите ФБ профилот на градоначалникот на најурбаната македонска општина, ќе видите дека таму нема речиси ниту еден пост за референдумот. Внимавајте, станува збор за општината Центар, која граѓаните ја одзедоа од ВМРО-ДПМНЕ гласајќи три пати!

Плусинфо јавно ја прашува партијата СДСМ дали молкот на Богдановиќ за референдумот значи негов личен бојкот на кампањата или така било договорено во партијата? Ако е ова второво, тогаш бараме објаснување за таа чудна стратегија.

Уште едно чудно однесување на градоначалникот Богдановиќ бара објаснување. Погледнете ја оваа фотографија:

 

На неа се скопските градоначалници, на чело со Петре Шилегов, кои се ракуваат со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Настанот се случи во Скопје. Ние на фотографијата не можеме да го забележиме Богдановиќ. Би било убаво СДСМ да ни објасни зошто тој не е присутен на овој настан.

Конечно, се слуша дека Саша Богдановиќ, наводно во „приватно својство“, годинава присуствувал и на мајската парада во Москва, каде што главен актер, нормално, е Путин.

Прашања до Заев, Димитров, Шеќеринска и до СДСМ, но и до засегнатиот Богдановиќ:

Прво, дали е тоа точно? Дали Саша Богдановиќ бил на парадата во Москва?

Второ, ако бил, дали некого известил за својата намера да биде присутен на тој настан?

Трето, дали премиерот, министрите или некој од СДСМ го информирал градоначалникот Богдановиќ дека Македонија е на удар на руската пропаганда и дека тој треба своето однесување да го сообрази со тој факт? Или можеби не треба?

За крај, сакаме да нагласиме дека немаме ништо лично „против“ градоначалникот Богдановиќ, та затоа прашањата ги поставуваме јавно, еднозначно и директно до одговорните. Такви одговори и очекуваме – јавни, јасни и директни.

ОБНОВЕНО

Одговорот на Саша Богдановиќ прочитајто го ТУКА и самите извлечете заклучоци. Плусинфо се уште чека одговори од другите посочени адреси.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...