Големо количество вода во Црна Река што наеднаш надошла го направила оштетувањето на бетонски мост на железничката пруга поради што од петокот вечерта во прекин е железничкиот сообраќај на коридорот 10. Мостот се наоѓа меѓу станицата Градско и крстосница Кукуричани, а сообраќајот се одвива само од Скопје до Велес и обратно.
Нивото на реката одеднаш пораснало на пет метри од постоечките 1,7 метри и силината на надојдената вода ги поткопала столбовите на бетонскиот мост што се лоцирани во реката, појаснуваат од МЖ – инфраструктура.
– Последните 30 години немало случај на толку големо количество вода одеднаш. Од МЖ инфраструктура немале информации, а настанатата деформација ја забележал машиновачот на последниот воз што поминал над мостот, соопшти директорот на МЖ – Инфраструктура Ирфан Асани.
Асани вели дека проблемот е сериозен и дека големи се економските штети од прекинот на железничкиот сообраќај. Се надева дека за 15 до 20 дена со преодно решение ќе се воспостави сообраќајот.
Тој истакнува дека се во постојан контакт со Градежниот институт, експерти и сите надлежни за да се најде решение за што побрзо да се воспостави овој важен коридор.
– Од петокот веќе е стопиран сообраќајот. Направивме анализи и испитувања на оштетувањето од сите можни фактори и институции во Македонија и веќе имаме финална идеја што треба да направиме. Ќе одиме на брза санација и се надевам дека за 15 до 20 дена ќе биде ставен во употреба. Тоа значи брза санација за ограничена употреба, а во меѓувреме ќе гледаме која е опцијата или ќе се оди на нов бетонски или челичен мост, појаснува Асани.
Мостот е изграден во 1970 година и бил во добра кондиција, вели директорот. Последната проверка е направена во 2008 година, а како што истакнува, секоја година се дијагностицираат сите параметри на сите мостови и пругата.