Украина како никогаш е близу до обновување на историската правда и враќање на сопствената, независна од Москва, Црква.
Во последно време во македонскиот информативен простор се појавуваат многу соопштенија кои се однесуваат на Украинската црква. Некои од нив објективно ги претставуваат настаните, некои со непотполна информација, некои превртуваат, даваат невистинита информација, свесно или несвесно користејќи московски извори.
Би сакала во оваа статија да дадам за македонскиот читател максимално целосна и објективна информација во врска со историјата, сегашноста и перспективите на Украинската Православна Црква.
Една од причините, зошто за Руската Федерација е толку важна Украина е прашањето на историјата и, посебно, прашањето на Црквата. Губејќи ја Украина, Москва го губи делот на измислената од неа историја, вклучувајќи ја и црковната. И новата историја на руската држава и нејзината црква треба веќе да се создава не на лага, дезинформација, масовни историски фалсификации, како што тоа беше до сега, туку на факти и вистински настани од историјата.
Кратка историска екскурзија или како Украинската црква се претворила од црква-мајка во црква- ќерка
Московските, а подоцна руските цареви сфатија дека без големо минато е невозможно да се создаде голема нација, голема империја. За тоа било потребно да се украси своето историско минато и дури да се присвои туѓото.
Во времето на постоењето на државата Киевска Рус за Московската држава немаше ниту спомнување. Познато е дека Московското кнежевство, како улус на Златната Орда, основана од канот Менгу-Тимур дури во 1277 година. До тоа време Киевската Рус-Украина веќе постоела повеќе од 300 години.
Како може да се зборува за некој „постар брат“, кога тој „постар брат“ се појавил на свет неколку векови подоцна отколку русичи-украинци. Познато е дека постоела Суздалска земја – земјата Моксел, а подоцна Московско кнежевство, што влегувало во составот на Златната Орда – државата на Чингизидите. Од крајот на XIII до почетокот на XVIII век народот на таа земја го нарекуваа московити.
Украинска Православна Црква
Официјалното крштевање на Киевската Рус се случи во 988 година.
Киевската митрополија канонски и историски, од моментот на своето создавање за време на првите киевски христијански кнезови Асколд, Олга и Володимир и повеќе од 700 години подоцна, била митрополија на Вселенската Патријаршија. И дури по предавањето во 1686 година на делот од Киевската катедра во времено старателство (намесништво) на московските патријарси, Украина цело време останувала канонска територија на Константинополската црква и била под нејзина јурисдикција.
Киевските митрополити имале титула – Митрополит Киевски и на цела Рус.
Руска Православна Црква
Руската православна црква потекнува дури од 1448 година, кога кршејќи ги светите црковни канони по налог на московскиот кнез Василиј ІІ, потчинет на канот на Златната Орда, во Москва бил само-ракоположен „митрополит“ Јован.
Самопрогласената Московска Црква не била признаена од никого во текот на 141 година (1448–1589).
За овие историски настани денес потсетува Константинопол. Неодамна архиепископот Телмиски Јов, претставник на Константинополскиот Патријархат, изјави дека Фанар никогаш не давал Томос за автокефалија на Московскиот Патријархат. Како што истакнал Јов, „Ако се сетите на историјата на формирањето на Православната Црква во Русија, тогаш нејзината автокефалија била самопрогласена во 1448-ма година, самоволно, без дозвола на Константинопол“.
За време на владеењето во Московија на кнезот Борис Годунов во Москва бил поканет Константинополскиот Патријарх Еремија ІІ Транос, каде тој фактички се најде во заробеништво. Во Москва него насилно го задржувале за тоа време додека тој не се согласил да го ракоположи Московскиот патријарх. Со принуда и под закана од физичко уништување, Константинополскиот Патријарх бил принуден во 1589 година да го ракоположи за Московската Црква патријархот. Така по пат на измама, закани, насилство и поткуп Московската Црква, наоѓајќи се 141 година во раскол стекна статус на Московски патријархат. Притоа на Московската патријаршија не ѝ биле доделени правата на црковно-духовното старателство на Украина и Украинската Црква, затоа што Мајката-Црква за Украина и украинските православни и понатаму канонски останувала и останува до денес Константинополската Православна Црква на чело со Вселенскиот Патријарх.
На кој начин Украинската црква се претворила од црква-мајка – за денешната Русија – во црква–ќерка?
Се разбира дека московските владини претставници биле заинтересирани за подреденост на Киевската митрополија на Московскиот патријрхат.
Со оваа цел, во 1686 година од московските цареви била испратена амбасада. За 200 червинци и 120 самури Константинополскиот патријарх Дионисиј IV ја потпишува повелбата за дозволата во Москва да се ракоположи митрополитот Киевски, кој требаше да продолжи да го поменува Вселенскиот Патријарх и да остане негов егзарх. Излегува дека од политички околности Киевската Митрополија се најде само во администрацијата на Православната Црква во Русија, но никакво предавање на Киевската митрополија на Москва во 1686 год. немало.
Една година подоцна патријархот Дионисиј бил отстранет од престолот. Една од главните грешки, за којашто беше обвинет, беше признавањето на неканонскиот премин на киевските епископи во подреденост на московските патријарси.
Украина, град Kиев, црква Света Софиjа, почеток на ХІ век
Сегашна ситуација
Давањето на Украина автокефалија не е подарок, тоа е враќање на историјската правда.
Во говорот на 1 јули 2018 година, Вселенскиот патријарх Вартоломеј рече за тоа, дека никому никогаш Константинополската патријаршија своите права во Украина не ги предала, и на канонски начин овие права на никој друг не беа дадени. Го цитираше Томосот на православната автокефална црква во Полска 1924 година, каде документарно е кажано дека одделувањето на Киевската митрополија, и зависните од неа цркви на Полска и Литванија, не се случиле по канонските правила.
Создавањето на украинската помесна православна црква е прашање не само на духовноста, туку и на националната безбедност. Со обраќањето на претседателот на Украина, украинската јавност и епископите до Вселенскиот патријарх за давање автокефалност, ние конечно имаме шанса да добиеме и црковна независност.
Сега во Украина има три православни јурисдикции: тоа е Киевскиот патријархат, Московскиот патријархат и Автокефалната црква. А се работи за Единствена помесна украинска православна црква, која треба да добие Томос. Односно тоа ќе го добива не некоја од јурисдикциите, туку треба да го добие Украинската црква. За тоа е потребно да се изврши обединување.
Со оваа цел, на 7 септември годинава, Вселенскиот патријарх Вартоломеј І назначил во Киев два екзарха – архиепископ Даниел Памфилијски од САД и епископот Иларион Едмонтонски од Канада со цел на подготовка за давање на автокефалија на Украинската Црква.
Одлуката е донесена, сега се случува процесот на нејзина имплементација и изнаоѓање најдобри патишта за тоа да се заврши работата на давање Томос за автокефалија на православната црква во Украина.
Врз основа на подготвителната работа, која се одвива сега, во Киев во блиска иднина ќе се собере Сеукраинскиот Собор, во кој ќе земат учество сите архиереи од Автокефалната црква, од Киевскиот патријархат и околу десеттина од Московскиот патријархат, кои се обратиле до Вселенскиот патријарх за давање на автокефалија на украинската црква, и ќе донесат одлука за тоа дека сите ние православни Украинци составуваме единствена црква.
Борбата за украинската автокефалија е жестока. Решавање на украинското прашање – тоа, навистина, е клуч за решавање на значително поголемото, општо православно прашање, затоа што без Украина амбициите на Московскиот патријархат ќе постојат, но тие не ќе имаат поткрепа, зашто украинската црква ќе биде обединета со Константинопол, и тоа, како што истакнува архиепископот, секретарот на Свештениот Синод на УПЦ Евстратиј Зорја, нема да биде „војна“ на Грците со Словените (како што Москва тоа се обидува да го претстави сега), туку ќе биде „војна“ на тие, коишто сакаат да го уништат единството на православието поради империјалните амбиции на Кремљ, со тие, коишто сакаат да го сочуваат единството на православието и да го движат во иднина.
Москва не може да се помири со тоа дека Украина ја обновува својата сопствена, независна од неа, црква. Без Украина, Руската црква губи повеќе од 40% од својата мрежа. Сега Руската црква е „црква-империја“, лепенка од Советскиот Сојуз. Без Украина, Руската црква ќе се претвори од империја во еден вид „Руска Федерација“, ќе стане истото тоа што Русија стана без Украина.
Москва дури прибегнува кон закани кон Вселенскиот патријарх. Но патријрхот не подлегнува на притисокот. За време на средбата со Московскиот патријарх Кирил, патријрхот Вартоломеј во одговор на заканите со„расколот на сето Православие“ поради Томосот на автокефалијата за Украинската Црква изјави:
– Ние не се закануваме и не прифаќаме закани. Ние немаме пари, немаме армија, немаме сила, но ние се плашиме само од Бога!
На крај, би сакала да кажам дека Украинците се многу трпелив, но истовремено извонредно херојски народ. Кога Украина се определи дека не сака да оди по патот на Руската Федерација, туку избра евроатлантски пат, Руската Федерација кршејќи ги сите основни принципи на меѓународното право, изврши инвазија на суверената територија на соседната земја, незаконско анектирајќи го Крим, ја започна воената агресија на Истокот на Украина. И тогаш се крена сиот украински народ да ја заштити својата држава. И сиот цивилизиран свет застана на страната на Украина.
Враќање назад за Украина нема.
Нема да има враќање назад и во црковното прашање. Историската правда ќе биде обновена. Украинската независна помесна црква да биде!
(Авторката е амбасадор на Украина во Република Македонија)