Полицаец од единицата за јавен ред и мир во СВР Скопје, Митко Груевски, кој бил ангажиран за обезбедување на протестите на Заедничка Македонија е првиот сведок кој се појави на денешното судско рочиште за 27 април.
Тој раскажа како течеле протестите, дека најчесто се движеле од пред Влада кон Собрание, по пат им се приклучувале и други од споредните улици, а имало и вработени од МВР кои се приклучувале на толпата.
– Во првите редовите беа Бетмен, Дурловски, актерот, имаше и колеги наши кои стоеја на раскрсницата кај Палома Бјанка, вработени се во МВР, но во секторот за обезбедување на лица односно во шеста управа, кои беа дел од обезбедувањето на поранешниот премиер Груевски. Која била нивна задача, што работеле, не знам. Нинџа сме го гледеле таму со одредена група на лица. Како одминуваше масата дел од нив одеа со масата дел од нив остануваа. Зборувам за колегите од МВР, некои остануваа на раскрсницата кај Порта Македонија, некои се паркираа и позади Собрание кај нас и остануваа таму до крај – раскажа полицаецот.