Владата на Република Македонија денеска ќе одржи седница на која, меѓу другото, на предлог на Секретаријатот за европски прашања – Секторот за координација на европски фондови и друга странска помош, ќе биде разгледана информацијата за статусот на имплементација на тековните Твининг проекти на ЕУ, како инструмент за јакнење на институционалната надградба.
На седницата, Владата ќе ја разгледа и ќе донесе соодветни заклучоци во врска со информацијата за активностите кои ги презема Република Македонија за имплементација на Националната стратегија за одржлив развој и Имплементација на Целите за одржлив развој на Обединетите нации.
Како што соопшти владината прес-служба, Министерството за економија пред останатите членови на Владата денеска ќе ја презентира Информацијата со предлог за поведување на постапка за формирање на работна група за имплементација на Договор за соработка во областа на туризмот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Црна Гора, како и информацијата за одржување на Втората седница на Мешовитата комисија по Меморандумот за економска соработка меѓу министерствата за економија на Република Македонија и Словачката Република.
На дневен ред на седницата е и Предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за остварување развој на дејноста во студенскиот стандард за 2018 година, како и информацијата за прогрес на активностите во процесот на изработка на Стратегијата за паметна специјализација за истражување и иновации за период јануари-јуни 2018 година, како предлог на Министерство за образование и наука.
Истото Министерство за денешната седница ја предложи и точката Информација за потпишување на Спогодба помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави за научна и технолошка соработка, со текст на Спогодба.
Владата на РМ на оваа седница ќе ја разгледа и информацијата за реализација на проектите „Бесплатен викенд за млади лица до 27 години за превоз во железнички сообраќај“, „50% попуст за ученици и студенти“, „Бесплатен четврток за студенти во железнички патнички сообраќај“, „Средношколска среда“ и Бесплатен викенд за стари лица во железнички патнички сообраќај“, за 2018 година.