Червар: Во Металург бев дел од една прекрасна ракометна приказна

Натпреварот ППД Загреб – Металург се игра вечер со почеток во 20:45 часот.

138

Тренерот на ППД Загреб, Лино Червар имаше емотивно потсетување на времето кога работеше во Металург. Неговиот сегашен клуб, во дуел од петтата СЕХА рунда ќе го пречека тимот од Автокоманда каде Червар работеше осум години.

– За првпат ќе го водам својот тим против екипа на чија клупа минав осум години. За мене сето тоа ќе биде многу емотивно. Тоа беа прекрасни години, бидејќи во Скопје доживеав многу убави денови и носам многу убави спомени. Не само затоа што двапати игравме во четврт-финалето на Лигата на шампионите, ниту поради освоените четири првенства и три Купа, туку поради тоа што бев дел од една прекрасна ракометна приказна.

Хрватскиот ракометен стручњак го посочува Металург како база за создавање млади играчи.

– Тоа е приказна за клубот, кој, иако со послаба платежна моќ, сите овие години успева да биде најголем расадник на македонските ракометни таленти. Тоа е приказна за клубот кој дава 90 отсто во кадетска, јуниорска и сениорска репрезентации на Македонија и е жив пример, за сите што плачат дека нема пари, како со волја, ентузијазам и желба можат да се надминат сите проблеми. Во однос на Вардар, Металург работи во многу поскромни услови, но од поодамна е препознатлив како македонски бренд и македонски производ, истакнува Червар.

Натпреварот ППД Загреб – Металург се игра вечер со почеток во 20:45 часот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...