Референдумот не е ниту услов, ниту правно барање за имплементација на Договорот од Преспа, туку е избор на Скопје, рече шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, коментирајќи го и објаснувајќи го резултатот од референдумот во Македонија.
Коѕијас истакна дека Иванов за претседател и Заев за премиер биле избрани со помал број гласови од гласовите што ги доби „За“ на референдумот.
– Договорот вели дека (референдумот) е избор на Владата на Скопје, но не е ниту услов, ниту предуслов, ниту правно барање за имплементирање на договорот, ова е од голема важност. Сега одиме на политичкиот дел. Голем процент е 37-38 отсто? На прв поглед кога некој го гледа, ако не ги знае балканската политика и политиката на Скопје и нивната реалност, ќе каже дека е мал. И логично е. Но, ако знае колку гласови се овие 37-38 отсто и што се случи на претходните избори, тогаш ќе сфати одредени работи – рече Коѕијас споменувајќи колку гласови добиле премиерот Зоран Заев на изборите во 2016 година и претседателот Ѓорге Иванов на последните претседателски избори.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција, во синоќешното опширно интервју за грчката државна телевизија објасни дека не се пречистени изборните списоци и дека ако гласале сите што имаат право на глас според реалното избирачко тело од еден до 1,2 милион гласачи, мнозинството од 50 отсто +1 ќе беше под 600.000, односно 540.000-550.000.
– Реалното избирачко тело е околу милион, 1.100.000 до 1,2 милион. Во ова реално тело „Да“ за Договорот од Преспа доби над 50 отсто. Односно и да гласаше целото избирачко тело, резултатот пак ќе беше над 50 отсто – рече Коѕијас, пренесе МИА.
Според информациите што официјална Атина ги имала од Скопје, како што рече Коѕијас, проценките биле дека излезеноста ќе биде меѓу 40 и 45 отсто, а според тоа Грција била ориентирана дека ќе гласаат 40-41-42 отсто.
Во однос на случувањата кај нас, шефот на грчката дипломатија рече дека ако Заев не ја добие битката во Собранието, според негово мислење, „во секој случај ќе ги добие следните избори, тоа го велат резултатите од референдумот“.