Анѓушев на Самит 100: Мора да бидеме рамноправни со земјите од ЕУ за да бидеме поконкурентни

194

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев учествува на седмиот по ред „Самит 100 – Бизнис лидери во Југоисточна Европа“, кој се одржува во Белград, а на кој учествуваат политички и бизнис лидери од регионот.

Во попладневните часови на Самитот, вицепремиерот беше дел од панелот „Кои резултати ќе направат вистинска разлика за регионот“ на кој се водеше дискусија помеѓу бизнисот и политиката.

Вицепремиерот истакна дека политиките на македонската Влада за градење на добрсоседски односи, како и цврстата заложба за интеграциите во ЕУ и НАТО даваат добри резултати, кои се рефлектираат преку се поголем интерес и број на странски инвестиции во земјата.

– Само во последната година инвестициски проекти започнаа 16 странски компании, што е значителна бројка за мала земја како Република Македонија. Тоа е резултат на економските политики кои ги водиме, но не само на нив. Се разбира дека за странските компании се важни поволностите кои им ги нуди една земја, но сепак тие се дури на трето-четврто место. Многу поважно им е владеењето на правото и стабилноста, а се поголем фокус се става и на расположливата квалитетна работна сила. Сето тоа е во фокус на Владата, во интерес на стопанството, граѓаните и економијата генерално – потенцираше Анѓушев.

За да компаниите бидат поконкурентни на глобалните пазари, земјите од регионот мора да бидат насочени кон ЕУ интеграциите, подвлече Анѓушев и појасни дека мора да се ослободат од историските стеги кои во моментов ги имаат.

– Мора да бидеме рамноправни со земјите од ЕУ за да бидеме поконкурентни, и затоа треба да бидеме фокусирани кон ЕУ интеграциите. Доколку компании од ЕУ добиваат субвенции во своите земји од 50-70% за технолошки развој, нашите компании не можат да ги следат и затоа мора да станеме членки на ЕУ. На Балканот се продуцира повеќе историја отколку што може да се козумира, сите ние треба тоа да го забораваме, да се отвориме повеќе и да бараме повеќе области каде може да соработуваме – нагласи Анѓушев.

Во поглед на енергетската соработка, Анѓушев рече дека секоја земја мора максимално да ги користи сопствените капацитети во однос за зголемување на енергетската независност и притоа да ги користи достапните ресурси, независно дали тоа е јаглен , вода, ветер или сонце.

– Нешто што сигурно можеме да направиме да ја подобриме соработката во енергетиката, а во моментов не го правиме, е да создадеме еден заеднички енергетски пазар. Денес имаме подобра енергетска инфраструктура, помал конзум на електрична енергија, ако се спореди со времето во поранешна Југославија, а имаме заугушување на прекуграничните капацитети, кои верувам дека се повеќе од административна, отколку од техничка природа. Да се ослободиме од административните спреги и да формираме заеднички пазар, кој ќе ја подигне конкурентноста – подвлече Анѓушев.

Вицепремиерот појасни дека задачата на секоја од државите е да реализираат капитални проекти, кои не може да ги реализира бизнис секторот, како автопати и железници, како и да работат на намалување на административните процедури за подобрување на бизнис климата.

– Мора да соработуваме повеќе, заеднички да настапуваме на пазарот, доколку заеднички делуваме и работиме, ќе бидеме поуспешни и поатрактивни за Европската Унија – заврши Анѓушев.

На панелот на кој зборуваше вицепремиерот учествуваа и Бранимир Гвозденовиќ, потпретседателот на Собранието во Црна Гора, Александар Антиќ, министер за енергетика во Владата на Србија, Мирко Шаровиќ, министерот за надворешна трговија и економски односи во БиХ, како и претставници на Горење, Атлас груп, Сименс и Атлантик група.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...