Имам чувство дека сега, после формално-правно неуспешниот референдум, кога сите сме генерали после битка, непотребно губиме време, обидувајќи се да ја прочитаме пораката од плебисцитот. Таа е јасна и гласна, а таква беше и пред референдумот. Имено, мнозинство од граѓаните во Македонија го поддржуваат членството на нашата земја во НАТО и во ЕУ и го прифаќаат договорот од Преспа како начин да се оствари таа цел. И уште нешто беше јасно пред референдумот – наспроти безразложниот оптимизам, на кој овој пат му подлегнав и јас, анализите покажуваа дека цензусот од 900.000 гласови е објективно недостижен.
Од за мене нејасни причини, безраложниот оптимизам сѐ уште ме држи и јас верувам дека во последен момент премиерот Зоран Заев ќе успее да ги убеди опозициските лидери да го послушаат советот на Стејт департментот, што ќе рече да се издигнат над партиската политика и да не ја испуштат историската можност да обезбедат светла иднина за земјата, како полноправна членка во западните институции. Но, анализите сепак покажуваат дека тоа е тешко остварлива цел и дека сосема е можно да се случи на целосната имплементација на договорот од Преспа да ѝ претходат предвремени избори.
Има, се разбира, барем една добра причина да се поздрави и таквиот развој на настаните. Не, за мене тоа не е очекувањето дека на предвремените избори СДСМ и коалициските партнери ќе го натераат Мицкоски уште еднаш да клекне на колена, ама сега и да остане така клекнат. Да бидам искрен, дури не сум убеден дека предвремените избори на коалицијата на проевропските политички сили автоматски ќе ѝ обезбедат двотретринско мнозинство. За мене ќе биде најважно ако Заев предвремените избори ги доживее и како шанса да го стори она што вети дека ќе го стори, но очигледно немаше време и сили да го исполни ветувањето – да подзачисти во сопствениот двор.
Ако има нови избори, на Заев ќе му биде многу полесно да ја спроведе операцијата „Камшикарот“, што е неопходна и за понатамошната успешна имплементација на договорот од Преспа, но и за демонстрацијата на европското поведение на власта да биде многу поуспешна од досега. Новите избори за мене не се потребни за да се вадат нови скриени „адути“ и да се игра „ол ин“, туку пред сѐ како шанса да се изберат нови кандидати за пратеници, нови министри, нови луѓе во администрацијата. Се разбира, не очекувам премиерот да направи драматичен кадровски дисконтинуитет (бидејќи така ќе го доведе во прашање и сопствениот опстанок во политиката), но „камшикот“ мора сериозно да заигра.
Тоа Заев ни го должи нам, а си го должи и себеси, дури и ако нема предвремени избори. Една непристрасна анализа на целиот референдумски перформанс, во сите негови аспекти, вклучувајќи ја и кампањата и односот кон медиумите, ќе му ги открие грешките поради кои излезноста на референдумот не беше поголема барем за 100.000 гласови, какви што беа реалистичките предвидувања за исходот.
Нејсе, приликите се такви што сега не сакам било кому да скоривам јадови. Заев веќе е доволно искусен и умен да направи добра анализа и да ги постави работите на свое место. Во име на заедничата цел Македонија брзо да напредува кон НАТО и ЕУ, цел која е поважна од било чија политичка кариера или кауза, на предводникот на провропските сили во Македонија ќе му биде потребна силна поддршка. Силна, ама не и безусловна. Условот е јасен: доста ни е веќе од „кечеви“ и „џокери“, сакаме да го видиме и „камшикарот“!